Подрачното ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ енергетски ефикасно и со ново игралиште
Ново мултифункционално игралиште и реконструиран енергетски ефикасен објект доби денеска подрачното основно училиште „Кузман Јосифовски - Питу“ во скопската општина Кисела Вода.
Училиштето е реконструирано со средства од Програмата за развој на Обединетите нации и од буџетот на општина Кисела Вода. Во него се заменети прозорците, столаријата и покривот, а поставен е и систем за заземјување.
Игралиштето се протега на површина од 1.300 метри квадратни и е опремено со сите реквизити за фудбал, ракомет и кошарка. Има услови и за користење во ноќни часови бидејќи е осветлено.
На отворањето на училиштето и на игралиштето присуствуваше премиерот Никола Груевски, кој оцени дека сето ова е исполнување на ветувањата на граѓаните.
- Квалитетното училишно образование претставува важен услов за создавање на квалитетна и креативна младина како важен генератор во стопанскиот и севкупниот општествен развој. Не помалку важни се и инвестициите во спортот кои не само што придонесуваат за изградба на млади генерации, туку помагаат и во јакнење на спортскиот натпреварувачки дух, нагласи премиерот Груевски.
Потсети дека досега во рамки на стратегијата за модернизација на спортот изградени се 32 спортски сали, 49 фудбалски игралишта, а во длабока фаза на реализција се и изградбата на 145 училишни спортски сали и за изградба на 120 тениски игралишта.
Градоначалникот на Кисела Вода, Билјана Беличанец - Алексиќ посочи дека реконструкцијата на училиштето и повеќенаменското игралиште произлегле како потреба на жителите на Кисела Вода.
- Потребата од реконструирањето на училиштето беше повеќе од евидентна со оглед на фактот дека е изградено во 1986 година и отттогаш во него не се вршени никакви реконструктивни зафати, истакна Беличанец-Алексиќ.
Најави дека од следниот месец во еден дел од училиштето ќе биде преадаптиран за најмалите, односно ќе почне да функционира градинка која ќе згрижи околу 55 деца. За оваа потреба од буџетот на општината се одвоени 3 милиони денари.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески истакна дека со изградбата на повеќенаменското игралиште се потикнуваат младите генерации активно да се занимаваат со спорт.
- Спортот има сила да го менува светот, да ги обединува луѓето и да создава здрава младина, а ние сме тука да го овозможиме тоа. Спортот е вистински амбасадор на државите, ги обединува нациите и ги прави горди, а општината Кисела Вода отсекогаш била расадник на спортски таленти, рече Спасески.
Додаде дека вложувањето на Владата и на Агенцијата за млади и спорт во спортски инфраструктурни објекти е со цел да се создадат нови спортски ѕвезди кои ќе ја претставуваат Македонија.
Досега во оваа општина се изградени две спортски сали, две повеќенамеснки игралишта, а во следниот период е планирано да се изградат и два тениски терени и две мултуфункционални игралишта.