Груевски: Наскоро нов експресен и регионален пат до Крива Паланка
Изградба на регионален пат од Крива Паланка до Македонска Каменица и експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, најави денеска премиерот Никола Груевски при посетата на општина Крива Паланка.
Регионалниот пат ќе биде во должина од 17 километри и за него ќе бидат инвестирани 10 милиони евра. Подготовките се во тек и се очекува во втората половина на следната година да започне неговата изградба.
- Овој регионален пат е значаен затоа што ќе бидат поврзани двата најголеми рудници во Македонија за олово и цинк, а ќе бидат поврзани и двата града, Крива Паланка и Македонска Каменица, изјави премиерот Груевски.
Експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка е планирано да има четири ленти и да биде со сите карактеристики на автопат со можност во иднина доколку има поголема фреквенција на возила да се догради уште по една лента од двете страни и тој да стане автопат.
- Во длабока фаза сме во подготовки и на крајот на 2015 година се очекува да започне градбата на овој експресен пат кој ќе значи и поврзување со Република Бугарија, нешто што во минатото многу често се зборуваше, но сега влегуваме во финална фаза на подготовки за негова реализација, истакна премиерот Груевски.
Тој додаде дека за двата проекта се договорени со меѓународните финансиски институции, односно експресниот пат ќе се прави со финансиски средства од Светска банка, а регионалниот пат ќе биде финансиски поддржан од Европската банка за обнова и развој.
- Станува збор за релативно затворена финансиска конструкција, но потребна е подготовка од аспект на проекти, експропријација и слично, нагласи Груевски.
Во овој момент, како што информираше, се работи на проектот за експресниот пат и тој треба да се заврши до јануари идната година, по што следува шестмесечен период на експропријација на земјиштето, а кон крајот на 2015 година или почетокот на 2016 година да почне изградбата на овој пат.