Во Велес пуштен во употреба водоснабдителен систем до езерото „Младост“

Во Велес денеска е пуштен во употреба водоснабдителен систем до езерето „Младост“ со кој со исправна вода за пиење од Градскиот водовод ќе се снабдуваат повеќе населени места и населбите околу езерото. Проектот е вреден 42 милиони денари обезбедени преку Светска банка, а се реализира со поддршка на Министерството за финансии.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски  на свеченоста  истакна дека  новиот систем заедно со проектот за јавно осветлување со енергетски ефикасни светилки во Велес  чинат над  милион евра обезбедени од Светска банка, со подршка од Министерството за финансии.

Со проектот за поврзување на езерото „Младост“ со градот Велес и сите населени места што гравитираат во ова подрачје,  за околу 3-4 илјади граѓани се обезбедува чиста вода за пиење.


- Истовремено се овозможува да се искористи економскиот потенцијал на езерото „Младост“ односно целото крајезерско подрачје да биде атрактивно за изградба на викенд населба и користење на инфраструктурните содржини за рекреација и слично. Со тоа целиот потенцијал на езерото „Младост“ ќе биде максимално искористен, потенцира Ставревски.

Проектот за осветлување на Велес, укажа, со замена на старите неефикасни со нови енергетски ефикасни светилки ќе овозможи заштеди за општината и поголема безбедност за граѓаните.


- Како и секогаш кога општината има добри проекти, Владата е тука да поддржи и во овој случај со над милион евра преку  Светската банка ги поддржавме овие проекти на општина Велес. Јас сум задоволен што општина Велес заедно со изведувачите максимално ефикасно со највисоки стандарди го минаа тестот на Светската банка и се реализираа  двата проекти. Со ова му  честитам на градоначалникот, на советниците и на сите кои ја дадоа поддршката за овие проекти и секако на граѓаните кои што ќе ги користта придобивките од овие проекти, рече Ставрески.


Градоначалникот на Велес Славчо Чадиев информира дека новата пуштена водоводна линија во должина од 9 километри ќе го спојува Велес со езерото „Младост“.  - Ние со овој проект ќе обезбедиме водоснабдување за неколку населени места почнувајќи од индустриската зона „Речани“, потоа потегот кај Башино Село, туристичката населба кај езерото „Младост“, село Новачани и населбата Отовица. Сите проекти за приклучување на водоводната линија се готови и некаде во април идната година ќе биде првото приклучување за населбата Отовица, најави градоначалникот Чадиев.

Цевководот за езерото „Младост“  кој го работеше фирмата „Вардар градба“, истакна Чадиев, ќе продолжи и до населените места Сујаклари, Кумарино и Мамутчево.

Според него,  веќе се враќаат вложените пари во проектот за јавното осветлување со енергетски ефикасни светилки за кој се одвоени  20 милиони денари. Тој проект го изведе фирмата „Свим Инжинеринг“.