Попоски - Лукшиќ: Македонија и Црна Гора имаат пријателски односи и исти приоритети
Македонија и Црна Гора имаат пријателски односи и исти приоритети, заклучија на денешната средба министрите за надворешни работи Никола Попоски и Игор Лукшиќ.
Шефовите на дипломатиите, како што соопшти Министерството за надворешни работи, ја потврдиле потребата за креирање заеднички пристап за унапредувањето на економската соработка и привлекувањето странски инвестиции.
- Потенцирајќи ги позитивните искуства во заедничките билатерални и регионални иницијативи, беше посочено дека партнерскиот однос што двете земји го градат е доказ за посветеноста во имплементирањето на европските вредности во регионот, но и насока по која треба да се движат и односите со другите земји партнери од регионот и Европа, стои во соопштението.
На средбата во Црна Гора биле покренати и прашањата од аспект на меѓународната соработка, со посебен акцент на напорите на двете земји за полноправно членство во Европската унија и НАТО.
Попоски и Лукшиќ изразиле подготвеност и за размена на искуства на експертско ниво, согласно потпишаниот договор меѓу двете Влади во контекст на процесот на пристапување во ЕУ, а плодната соработка во другите ресори, како што се внатрешните работи, одбраната, културата и туризмот, ги посочиле како гаранција за успех на секоја идна иницијатива и соработка.
Според соопштението, тие се согласиле дека двете земји треба да работат на подобра инфраструктура, регионална поврзаност и заеднички пазар, што, како што е наведено, е потребно за приближување во економски развој кон остатокот од Европа.
- За Македонија секое придвижување од било која земја од соседството кон ЕУ е придобивка за сите. Но, тоа нема да се случи следниве неколку години, истакна Попоски.