Владата ги укина увозните давачки за индустриската пиперка
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Сакаме да информираме дека на вчерашната седница Владата на Република Македонија одлучи да го прифати барањето на индустриските земјоделски производители за укинување или пак намалување на увозните давачки-царински стапки за производите индустриска пиперка и доматно пире.
Оваа одлука е донесена како резултат на консултација со земјоделските индустриски производители кои имаат потреба од овие производи во своето производство, и со домашните производители на овие производи, со цел да се донесе одлука која ќе биде во корист и на двете категории на земјоделски стопанства, односно да се придонесе и за земјоделските индустриски производители да се задоволат нивните потреби, но истовремено да не се наштети на производството и пласманот на овие производи кои се произведуваат од домашни производители.
Владата за оваа цел донесе две одлуки.
Прво, Владата донесе одлука за времено укинување на увозните давачки – царинска стапка и посебна давачка, за увозот на пиперки од родот Capsicum или од родот Pimenta, за квота во количина од 2.000 тони. Оваа одлука има време на важење до 31.12.2014 година, период во кој ќе може да се увезе наведениот производ под овие услови.
Второ, Владата донесе одлука за времено намалување на увозните давачки-царинската стапка при увозот на доматно пире, од 50% на 25%, за квота во количина од 500 тони. Оваа одлука има време на важење до 30.06.2015 година, период во кој ќе може да се увезе наведениот производ под овие услови.
Распределбата на квотата и за индустриските пиперки родот Capsicum или од родот Pimenta, и за доматното пире ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен”. Со цел да се оневозможи монополистичко однесување, во самата одлука се предвидува одредба со која количината на индустриска пиперка која може да ја увезе еден корисник изнесува најмногу 500 тони, а за доматното пире изнесува најмногу 125 тони, односно не повеќе од една четвртина од предвидената квота.
Барањето за распределба на квотата и за увозот на индустриската пиперка и за доматното пире се поднесува од страна на увозникот или неговиот застапник во хартиен облик во два примерока во царинските испостави, или во електронски облик преку информациониот систем за обработка на податоци во електронски облик и електронски потпис при увоз, извоз и транзит на стоки, EXIM - системот, на Образец за барање за распределување на тарифни квоти.
Со оваа одлука, според информациите кои ни беа доставени, нема да се наштети на домашните производители на пиперка затоа што анализите покажаа дека огромен дел од количините кои се произведени од домашни производители се веќе пласирани, и остануваат за пласман уште околу 1000 тони од овој производ. Исто така, бевме информирани дека нема да се наштети ни на домашните производители на доматното пире, затоа што заради негативни климатски ефекти се очекува намалување на домашното производство на овој производ.