Доставени сите материјали за извозот на земјоделските производи во Русија
Македонската Влада ги достави сите потребни информации до Руската Федерација во врска со извозот на земјоделски производи во оваа земја. Целокупниот предмет беше комплетиран и во понеделникот преку Министерството за надворешни работи и македонската Амбасада во Москва е предаден на федералната служба за фитосанитарен и ветеринарен надзор на Руската Федерација во соодветна процедура.
Ова го соопшти денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, кој рече дека Владата во изминатата недела задолжила поголем број институции да извршат увид за проверка на фактичката состојба во врска со извозот на земјоделски производи во Руската Федерација.
- Целокупните материјали се предадени. Во нив се содржат определени позиции, ставови, мислења, аргументации и одговор на барањата што ги имавме од страна на Руската Федерација. Тие се доставени и во моментов трае процесот на комуникација и консултација со руската страна, информира Ѓорѓиев.
Појасни дека станува збор за една дипломатска активност каде од битно значење е почитување на принципот на доверливост и затоа во овој момент не се оди со конкретни детали. - Тој процес на комуникација трае. Може од руската страна да добиеме барања за доставување дополнителни документи за проверка на други факти што се означени и се додека тоа не го добиеме тој прелиминарен одговор на руската страна на нашиот одговор не би влегувале во определени детали освен тоа дека до конкретниот рок беше постапено од сите задолжени институции и предметот е веќе предаден, изјави Ѓорѓиев.
Измината недела задолженија добија Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Фитосанитарната управа, Државниот инспекторат за земјоделство и други кои, како што рече, интензивно работеа на оваа проблматика согласно своите надлежности.
Додаде дека е извршен увид во повеќе извозни документи, сертификати, дека се преземени поголем број процесни дејства со цел утврдување на фактичката состојба и прибирање податоци кои ќе бидат од значење и корист за предметот кој ќе значи одговор на барањето на Руската Федерација.
Ѓорѓиев истакна дека по овој процес на комуникација, по заокружување на сите процесни дејства би излегле и со попрецизни информации во поглед на она што е направено, утврдено и искомуницирано со руската страна и што би претставувало еден епилог на целокупната оваа тема.
Руската Федерација се соменваше дека Македонија извезува овошје и зеленчук од ЕУ во Русија. Според руските медиуми станувало збор за јаболки, грозје и зелка.