Средба на вицепремиерот Ставрески со неговиот чешки колега во Прага
Потпретседателот на македонската Влада и министер за финансии Зоран Ставрески за време на работната посета на Чешка, се сретна со својот колега, вицепремиерот и министер за финансии Андреј Бабиш.
На средбата, како што информираа двајцата министри, размениле искуства за економските политики што двете земји ги спроведуваат, со цел да се создаде поголем економски амбиент и да се овозможи раст на економиите.
- Со мојот македонски колега разговаравме и ме интересираше како во Македонија функционира даночниот систем и можностите за инвестиции како земја која е кандидат за членка во ЕУ, изјави за МИА чешкиот министер Бабиш.
Бабиш додаде дека било разговарано за повеќе прашања од областа на двете Министерства, како јавните набавки, централното купување и условите и критериумите за инвестирање во Македонија.
Била договорена и заемна посета на експерти и унапредување на економската соработка.
- За Чешка е интересно што Македонија, како ретко која друга земја има позитивен извоз во Германија, преку фирми кои се влезени како странски инвестиции во земјата, каде имаат производствени погони. Германија има доста големо производство на делови за автомобилската индустрија и претставува добра можност и за чешките инвеститори, оцени Бабиш.
Тој подвлече дека во Македонија, на чешките компании им е отворена можност за соработка и во земјоделската област и прехранбената индустрија.
- Средбата со министерот Бабиш ја реафирмираше поддршката што Чешка ја дава во процесот на интеграција на Македонија во Европската унија, изјави Ставрески.
Според него, заедничка била констатацијата дека во двете земји економските политики се здраво поставени, со добар економски раст и висок степен на макроекономска стабилност, а ниско ниво на задолженост кое за двете земји се движи околу 40 проценти од Бруто домашниот производ (БДП).
- Исто така, додаде Ставрески, го информирав Бабиш, за даночните политики, кои од негова страна беа оценети како атрактивни и поволни за инвеститорите. Ова беше позитивно истакнато, во контекст на привлекувањето инвеститори од автомобилската индустрија, од Германија, Англија и други земји кои овозможуваат висок извоз. Особено беше оценет трговскиот суфицит на Македонија со Германија, рече Ставрески.
Било разговарано и за повеќе други области и сектори во економијата врз кои работата на Министерството за финансии има влијание.
- Разменивме искуства за начинот на спроведување на јавните набавки и проектот регулаторна гилотина, поедноставување на условите за работа на малите и средни претпријатија, за кој чешкиот министер покажа голем интерес, рече Ставрески.
Ставрески, од својот колега добил потврда дека Чешка ќе остане силен поддржувач на Република Македонија во напорите за повисок економски раст и интегрирање на земјата во ЕУ.
Во Прага, Ставрески ја предводи економската владина делегација, која на Бизнис форум пред повеќе од триесет чешки фирми ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.
- Македонската и чешката економија имаат солиден раст во текот на оваа година. Македонија е со највисок раст во Европа и тоа создава основа за средби со чешките компании, бидејќи е очигледно дека има интерес за инвестирање надвор од нивната држава, изјави Ставрески потенцирајќи ја улогата на дебатата меѓу чешката и македонската бизнис заедница.
Ставрески истакна дека пред чешките фирми беа објаснети можностите кои Македонија ги нуди преку добрата бизнис клима, преку ниските даноци и преку можноста да се произведува во Македонија, а да се продава на пазарот на 650 милиони потрошувачи, бидејќи Македонија има потпишано договори за слободна трговија со голем број на земји, вклучително и земјите членки на ЕУ.