Ставрески: Речиси целосно искористен фондот за Проектот за подобрување на општинските услуги
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставерски оцени дека сосема добро оди досегашната реализација на проектот што Министерството за финансии го реализира со Светска банка за поддршка на општините со вкупен фонд од 56 милиони евра.
- Проектот што го реализираме со СБ за поддршка на општините има вкупен фонд од 56 милиони евра. Досега 34 општините искористија 26 милиони евра за 45 проекти. За останатите средства веќе имаме проекти од општините кои се во завршна фаза и финално одобрување, така што веќе се врзани сите средства, со исклучок на 1-1,5 милиони евра кои стојат на располагање и очекуваме предлози од општините. Искористеноста е доста добра, општините добро го познаваат проектот, а се подобри и нивниот капацитет за подготовка на проектната документација, која потоа се одобрува во единицата во Македонија и во СБ и повратно општините ги добиваат средствата, рече Ставрески на новинарско прашање на прес-конференцијата за потпишување договори за грант од ЕК.
Според него, искуството стекнато од досегашната реализација на овој проект било една од причините зошто се решиле на ваквиот модел, практично преку проектната единица да биде применет и во случајот со проектите поддржани од ЕК, со тоа што, вели, овој пат станува збор за грант средства кои што секоја од руралните општини ќе добијат по 240.000 евра, а урбаните општини по 120.000 евра.