Македонија и Виетнам потпишаа Договор за економска соработка
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (вторник, 02.12.2014 година) оствари средба со г-ѓа Нгујен Ти Доан, заменик претседател на Социјалистичка Република Виетнам.
На средбата беше дадена позитивна оценка за билатералните односи кои се развиваат во духот на почитувањето, и се разговараше за можностите за унапредување на соработката помеѓу двете земји.
Особен акцент беше ставен на унапредувањето на економската соработка, за што од големо значење е и денешното потпишување на Договорот за економска соработка помеѓу двете земји, кои заедно со претходно потпишаните Договор за избегнување на взаемното оданочување и Договорот за заштита на инвестициите, даваат правна основа за интензивирање на односите на економски план.
Соговорниците разговараа и за соработката во областа на образованието при што беше разгледана и позитивно оценета можноста за размена на студенти и стипендирање на студенти од двете земји за студирање на универзитетите од двете земји.
Двете страни разменија мислења и за унапредување на трговската соработка, соработката во областа на земјоделството и прехранбената индустрија.
Соговорниците разговараа и за соработката на мултилатерален план, во рамките на Организацијата на Oбединетите Нации и Организацијата на Франкофонијата.