Ристовски: Студентскиот „Гоце Делчев“ се реконструира согласно динамиката
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски на отворената владина седница информираше дека во најголем дел со предвидената динамика се вршат сите активности поврзани со реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
Тој појасни дека се работи на комплетна реконструкција на првиот блок од студенстскиот дом, а во тек се активности за затворање со прозорци и подготовка за малтерисување на внатрешниот дел.
- Имавме дел состојби коишто од аспект на Закон за јавни набавки мораше да ги дефинираме како вишоци што се појавија на определени позиции. Морам да кажам дека од она што го видовме при рушење на внатрешниот дел речиси ниту еден проектант не можеше да предвиди такви состојби односно што се најде внатре во самиот објект. Меѓутоа, мислам дека досега квалитетно се изведува овој дел од активностите, рече заменик-министерот за образование и наука.
Согласно динамиката, најави тој, до крајот на јануари треба да заврши еден дел од фазата, меѓутоа заради објективни причини веројатно ќе има и делумно пролонгирање од 30-ина дена поради временските услови.
Потоа, истакна Ристовски, ќе се продолжи со втората фаза која што опфаќа целосно дореконструирање на овој блок и започнување со реконструкција во другиот блок од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.