Јанакиески: „Виз ер“ избрана за нискобуџетен оператор за наредните три години
Нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ е избрана од Министерството за транспорт и врски во следните три години со субвенции од македонската Влада да воспостави 5 нови дестинации од Скопскиот аеродром и една редовна линија од Охридскиот аеродром.
- Два дена пред истекот на 2014 година „Виз ер“ е избрана за нискобуџетен авиооператор за наредните три години. Има рок на жалба и очекувам до 15 јануари да го склучиме договорот. Понудени се нови линии од Скопје кон пет европски центри и директен лет од Охрид кон Базел, информира денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, презентирајќи го отчетот за сработеното во минатата година.
Во 2014, потсети Јанакиески, преку проектот за финансиска поддршка за нискобуџетни компаниии беа воведени пет нови дестинации кон Франкфурт, Париз, Брисел, Келн и Рим. Вкупно минатата година низ двата аеродорма поминаа милион и 270 илјади патници, а започнавме и постапка за избор на национален авиопревозник, предизвик на кој ќе продолжиме да работиме и во оваа година, рече Јанакиески.
Според него, 2014 била една од најуспешните години во ресорот транспорт од независна Македонија, посветена на големи проекти во патната и железничката инфраструктура, со воведени нови авиолинии до европски дестинации, реализирани голем број проекти во комуналната сфера, обезбедена бесплатна изработка на геодетски елаборати за ранливи категории граѓани, почната гасификација....
Во патната инфраструктура, посочи Јанакеиски, почна изградбата на 104 нови километри автопатишта. На автопатот „Гоце Делчев“ од Скопје до Штип, во должина од 47 километри со инвестиција од 206 милиони евра, на крајот на 2014 година, пробиени се над 50 проценти од трасата. Почна и изградбата на автопатот „Мајка Тереза“ од Кичево до Охрид, најголема поединечна инвестиција во патната инфраструктура во последните 50 години, во износ од 374 милиони евра. Планирана е изградба на 57 километри, а досега се пробиени 25 проценти од трасата. Во 2014, потсети, продолжи и изградбата на нова автопатска делница од Демир Капија до Смоквица со должина од 28 километри. - Со изградбата на трите автопатишта ќе има нови 132 километри автопатска мрежа или повеќе од 50 проценти од постојната, потенцира Јанакиески, истакнувајќи дека по подготовката на документацијата за издавање под концесија на патот Гостивар-Кичево, се очекува во првиот квартал годинава да има јавен повик за концесионер.
Лани, потсети Јанакиески, се работеше и на изградба на 5 регионални патни правци и еден експресен пат, а беа завршени 70 локални патишта со должина од 125 километри. Потпишан е и договор со ЕБОР за финансирање на изградбата на уште четири нови патни правци, како и автопатска делница Требеништа-Струга.
Во железничката инфраструктура, според Јанакиески, започнати се најкрупните проекти за комплетно поврзување кон Албанија и Бугарија. - Во март започна изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, првата од трите делници за железничкото поврзување кон Бугарија. За втората делница од Бељаковце до Крива Паланка лани обезбедивме заем од ЕБОР од 145 милиони евра. За последната делница до Крива Паланка до границата со Бугарија, распишавме јавен повик за избор на консултант кој ќе го изработи проектот, рече Јанакиески, дополнувајќи и дека започна проектирањето на пруга од Кичево до граница со Албанија со должина од 63 километри, чија изградба според проценките ќе чини над 500 милиони евра.
Министерот за транспорт потсети и на активностите за реконструкција и на пругата од Битола до граница со Грција со вкупна вредност од 19,9 милиони евра што ќе направи уште една врска со солунското пристаниште, реконструкција на железничките станици и за обнова на возниот парк, за што се планирани 50 милиони евра.
Еден од најголемите предизвици во 2014 година, посочи Јанакиески, беше гасификацијата на земјата, за што се распишани јавни повици за гасификација на Скопскиот регион кој вклучува 17 општини, како и за Регион 2 и 3 со инвестиција од над 150 милиони евра.
- Во делот на станбената политика продолживме со изградба на станови за социјално ранливите категории на граѓани и тоа 25 стана во Демир Хисар, 18 во Ресен и 76 станови во Прилеп. Очекуваме овие комплетно да ги завршиме во првата половина од 2015 година. Исто така беа доделени 91 стан во Штип, рече Јанакиески, презентирајќи ги одделно и подготвените законски измени во повеќе области, активностите за изградба на водоводни и канализациски системи, споведувањето на процесот за легализација на дивоградбите, за што вкупно досега се решени една третина од предметите....
Според Јанакиески, 2015 ќе биде исто така година на реализација на големи инфраструктурни проекти. - Ќе продолжиме со изградба на патната инфраструктура, нови експресни и локални патишта. Ќе продолжиме со обнова на железничкиот возен парк, со изградба на новата пруга кон Бугарија. Приоритет и понатаму ни останува гасификацијата на Република Македонија. Ќе развиваме туристички развојни зони во кои ќе привлекуваме нови инвеститори, рече Јанакиески.