Груевски: Образованието мора да биде наш најсилен ресурс
Во Собранието на Република Македонија попладнево се одржува дебата за реформите во високото образование. Премиерот Никола Груевски пред ректори и членови на Владата образложи дека измените во Законот за високото образование се носат со најдобра намера – за повеќе знаење на студентите, за поуспешни професори и за понапредна држава.
Свесен е, како што рече, дека влегле во ризик од негодување и демонстрации, но дека нешто мора да се направи за Македонија да се одлепи од дното каде што е сега. Резултатите, рече, ќе дојдат на среден или на подолг рок.
Според него, образованието мора да биде наш најсилен ресурс. - Ако останеме на лесно добиени дипломи, за 20 до 30 години ќе биде уште повеќе на дното. Сега е пресвртната точка, ако сега го промениме системот образованието ќе ни биде на повисоко ниво. Ова не е радикална мерка, туку низ годините постепено ќе ги зголемуваме стандардите, рече Груевски.
Во врска со нормите за научни трудови што професорите треба да ги објават во меѓународни списанија со импакт-фактор, Груевски рече дека се воведуваат заради меѓународна конкурентност на македонските професори кои, како што рече, со ум и достигнувања треба да ја претставуваат Република Македонија. Додаде и дека не е штетен предлогот декан или ректор да биде странец зашто тоа нема да биде масовно или правило, туку се отвора таква можност ако има корист.
На дебатата не учествуваат професори од Професорскиот пленум кои премиерот Груевски ги покани на нова локација, наместо во „Александар Палас“ во Собранието на РМ. Тие пред Парламентот изјавија дека нема да учествуваат ниту во Собранието зашто според нив оваа дебата е вонинституционална и неделовничка, затоа што ја закажала Владата, а не матичната собраниска Комисија за образование.
Премиерот Груевски од дебатата очекува конструктивни забелешки, рече дека се целосно отворени за аргументи што ќе донесат напреден и квалитетен закон.
- Сакаме да помогнеме, жал ми е што професорите од т.н. Професорски пленум ги нема за да ги вкрстиме аргументите, истакна Груевски.