Нови напредни обуки за македонските лекари во врвни светски клиники
Напредни фокусирани обуки на македонски лекари во 50-те врвни универзитетски клиники според Шангајската листа во областа на медицината, предвидува новиот проект на Министерството за здравство.
Како што информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров, фокусот на овој нов проект кој претставува и нов пристап во делот на едукација на македонските лекари ќе се однесува на пет области од медицината и тоа ортопедија и трауматологија, офталмологија, дигестивна хирургија, неврологија и неврохирургија и неонатологија. Според проектот, во секоја од овие пет области ќе бидат испратени на едукација по тројца доктори за период од една година. Во наредниот тригодишен период со овие напредни обуки се планира да бидат опфатени уште дополнителни три до пет области од медицината. Министерството за здравство ќе објави оглас во медиумите на кој може да се пријават заинтересираните доктори кои по изборот за обуката ќе треба да потпишат и договор за лојалност.
- Идејата е во наредните три-четири години да бидат опфатени најголем дел од специјалносите во медицината во Македонија. Обуката ќе трае една година и ќе се одвива по принцип на ментори определни од Клиниката каде се врши обуката, а бидејќи се работи во најголем дел за хиоруршки гранки во првите шест месеци докторите ќе се образуваат на ниво на втор асистент, па на ниво на прв асистент, а во вторите шест месеци треба да бидат главни оператори, додека нивните ментори ќе им асистираат. По враќањето во Македонија тие ќе дојдат заедно со нивните ментори каде ќе престојуваат во земјава една до две недели и ќе направат одреден број интевренции за кои се специјализирале, рече Тодоров.
Докторите коишто ќе ги поминат овие обуки ќе имаат обврска да обучат со овие унапредени вештени најмалку два свои колеги лекари по можност од клиничките болници за период исто така, од една година веднаш по враќањето.
Министерството за здравство ќе ги покрие сите трошоци за обуката која вклучува и плата што докторот ја примал така, како и дополнителна плата за ангажманот на докторот во универзитетската клиника каде е на обука.
- Очекуваме апликации од помлади доктори кои потоа би продолжиле на докторски студии и со научна наобразба, додава Тодоров.
Инаку, за овој проект Министерството за здравство ќе испрати понуди до 50-те врвни универзитетски установи според Шангајската листа за учество во овој проект, за што ќе ги ангажира нашите дипломатско-конзуларни претставништва.
На новинарско прашање, Тодоров рече дека според постојните проекти за обука на лекари лани биле испратени на обука 514 доктори и друг медицински персонал, а оваа година на едукација се планира да бидат испратени илјада лица од кои 800 доктори. До овој момент ви јануари се испратени 97 доктори на едукација, а уште 90 треба да бидат испратени во текот на наредниот месец, а се работи главно за универзитетски клинички центри во Виена, Париз, Тулуз, Рим, Лондон, Берлин, Нирнберг и Прага, како и во медицинските центри во Турција, Словенија и Хрватска. Лани за оваа намена биле потрошени еден милион евра, а годинава ќе бидат потрошени повеќе од еден милион евра.
Според Тодоров, има ефекти од овие обуки, па дури и оние кои траат и неколку недели до еден месец бидејќи во некои случаи станува збор работи за усвојување нови техники или пристапи кои не се многу сложени. Во тој контекст напомена дека во Министерството за здравство е формирана посебна Комисија од врвни професори и академици кои вршат евалуација на обучените лекари и даваат оценка за тоа дали е доволен или престојот за обука за совладување на нови техники и методи на лекување треба да се продолжи.
Во врска со случајот со 12-годишното девојче кое неодамна почина на Инфективна клиника, Тодоров информира дека извештајот од комисијата треба да биде готов во текот на денот, а најдоцна утре кога треба да биде доставен до Министерството за здравство. Најави дека во подготовка во Министерството е и нов проект за скрининг на дојка според европските прописи.