Билатерални средби на Попоски на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Вилнус
Перспективите на Република Македонија од аспект на евроатлантските интеграции и нагласување на потребата за почитување на правото во меѓународните односи заради обезбедување поголема правна сигурност во меѓународен контекст, се темите во фокусот на билатералните средби на министерот за надворешни работи Никола Попоски на маргините од 18. Министерски состанок на ОБСЕ во Вилнус.
Како што информираа од македонската делегација, покрај за билатералните односи, во разговорите била презентирана одлуката на Судот во Хаг кој утврди прекршување на Времената спогодба од страна на Грција со попречувањето на добивањето покана за членство во НАТО на Самитот во Букурешт 2008 година.
Потврдена била посветеноста на Република Македонија во остварувањето на стратешките цели на земјата. Од сите земји при тоа начелно била искажана заложбата за потврдување европската и евроатлантската иднина на Македонија.
Министерот Попоски на вториот ден од Безбедносниот форум оствари средби со домаќинот шефот на литванската дипломатија Аудрониус Ажубалис и со шефот на шведската дипломатија Карл Билд.
Шефот на македонската дипломатија прв пат се сретна со новиот грчки минстер за надворешни работи во привремената Влада Ставрос Димас, ден по пресудата на Меѓународниот суд во Хаг во полза на Македонија. Попоски на маргините на Состанокот на ОБСЕ вчера оставри билатерални средби со турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, со министерите за европски прашања на Франција и на Велика Британија Жан Лионети и Давид Лидингтон, како и со шефовите на дипломатиите на Данска Вили Совндал, на Естонија Урмас Пает, на Летонија Едгарс Ринкевичс и на Бугарија Николај Младенов.
Попоски разговараше и со Дуња Мијатовиќ претставник за слобода на медиуми во ОБСЕ. На средбата, како што наведуваат, била искажано задоволство од Мијатовиќ од посетата на Македонија на покана на МНР, како и од активностите кои се преземаат на планот на медиумите. Таа истакнала дека е запознаена и ќе ја следи ситуацијата во земјата, нагласувајќи ја важноста од личните контакти како средство за побрзо надминување на предизвиците во сферата на медиумите.
Безбедносниот форум заврши денеска со усвојување на заклучоци и документи за идните активности на организацијата.
На состанокот учествуваа над 40 шефови на дипломатии и високи претставници од 56 земји членки на ОБСЕ, претставници од 12 земји-партнери на организацијата, како и од меѓународни и од регионални организации.
Меѓу учесниците се и американскиот државен секретар Хилари Клинтон, шефот на дипломатијата на Русија Сергеј Лавров и високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Кетрин Ештон.
Министерскиот совет на ОБСЕ се состанува еднаш годишно и тој е централно одлучувачко и владеачко тело на организацијата. Литванија го презеде претседавањето од Казахстан, а од јануари следната година таа функција ќе ја преземе Република Ирска.