Критериуми и процедури за распределба на капиталите дотации за инфраструктурни проекти на општините и општините во Градот Скопје во областа на спортот за 2025 година
Врз основа на член 55 став (1) од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр. 58/00, 44/02, 82/08, 167/10, 51/11 и „Службен весник на РСМ“ бр.96/19, 110/19, 154/19 и 121/2024), а во врска со член 8 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/04, 96/04, 67/07, 156/09, 47/11, 192/15, 209/18 и „Службен весник на РСМ“ бр. 244/19, 53/21, 77/21, 150/21, 173/22 и 170/2024) и член 43 став 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 254/24), а во согласност со член 3 од Програмата за користење на капиталните дотации за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во Градот Скопје за 2025 година донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 50-1589/2 од 07.02.2025 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 27/25), Министерот за спорт донесе:
Критериуми и процедури
за распределба на капиталите дотации за инфраструктурни проекти на општините и општините во Градот Скопје во областа на спортот за 2025 година
Согласно Програмата за користење на капиталните дотации за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во Градот Скопје за 2025 година донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 50-1589/2 од 07.02.2025 година и утврдени, односно планирани средства за оваа намена во Буџетот на Министерството за спорт за 2025 година во разделот 16201 – финансирање од областа на спортот во Програма/Подпрограма А-Децентарализација, АА Инфраструктурни проекти во општините, категорија 48 - капитални расходи, на ставка 488 - капитални дотации до ЕЛС, Министерството за спорт ќе ја изврши распределбата на овие капитални дотации за инфраструктурни проекти на општините и општините во Градот Скопје за 2025 година во согласност со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година.
I. КРИТЕРИУМИ
Министерството за спорт ќе ја изврши распределбата на капиталните дотации за инфраструктурни проекти на општините и општините во Градот Скопје од областа на спортот според следните критериуми:
- Резидентното население во општината согласно последниот попис во Република Северна Македонија;
- Комплетна проектна документација, со сите потребни дозволи и согласности потребна за отпочнување постапка за јавна набавка, со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци со што би се гарантирала непречена реализација на проектите.
II. ПРОЦЕДУРИ
Во согласност со член 8 став (1) од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/04, 96/04, 67/07, 156/09, 47/11, 192/15, 209/18 и „Службен весник на РСМ“ бр. 244/19, 53/21, 77/21, 150/21, 173/22 и 170/2024), со дотации од Буџетот на Република Северна Македонија и од буџетите на фондовите се обезбедуваат дополнителни приходи во буџетот на општината за финансирање на нејзините надлежности определени со закон.
Во согласност со член 8 став 3 од овој Закон, видот, износот и распределбата на дотациите по општини се составен дел од Буџетот на РС Македонија и на буџетите на фондовите.
Во согласност со член 8 став 4 од овој Закон, надлежните министерства и фондовите најдоцна до 30 април во тековната година, ги објавуваат утврдените критериуми, процедури и рокови за распределба на наменски и капитални дотации.
Министерството за спорт на својата веб-страница ќе ги објави критериумите и процедурите за распределба на капитални дотации за инфраструктурни проекти во општините и општините во Градот Скопје во областа на спортот за 2025 година, согласно Програмата за користење на капиталните дотации за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во Градот Скопје за 2025 година.
Министерството за локална самоуправа ќе објави повик за изразување на интерес од страна на општините и општините во Градот Скопје за финансирање на инфраструктурни проекти врз основа на критериумите објавени во оваа објава.
Следење и координација на активностите за спроведување на Програмата за користење на капиталните дотации за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во Градот Скопје за 2025 година - Потпрограма АА -Инфраструктурни проекти во општините ќе врши Координативно тело за следење и координација на активностите.
Владата на Република Северна Македонија, врз основа на член 43 став 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 254/24), на предлог на Министерството за спорт во соработка со Министерството за локална самоуправа ќе донесе Одлука за користење капитални дотации за инфраструктурни проекти на општините и општините во Градот Скопје за 2025 година.
По донесувањето на Одлуката од страна на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за спорт ќе склучи договори со кои ќе бидат регулирани правата и обврските на Министерството за спорт и на општината корисник на средствата за капитални дотации за инфраструктурни проекти за 2025 година.
Министерството за спорт ќе го следи користењето на капиталната дотација, а согласно член 43 став 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 254/24), исплатата на средствата ќе се врши врз основа на изведени работи и комплетна исплатна документација.
При констатирање неправилности во користењето на дотацијата, Министерството за спорт може да ја запре исплатата на средствата и за тоа ќе го извести Министерството за финансии.
III. НАЧИН НА РАСПРЕДЕЛБА
Евалуационата комисија ќе изврши проверка на комплетност и валидност, селекција, и ќе достави предлог за избор на проекти за финансирање до министерот за спорт.
Министерството за спорт ќе достави предлог Одлука за користење капитални дотации за инфраструктурни проекти на општините и општините во Градот Скопје за 2025 година, до Владата на Република Северна Македонија.
Министерството за спорт ќе ги склучи договорите за капитални дотации во областа на спортот за 2025 година веднаш по донесувањето на Одлуката од страна на Владата на Република Северна Македонија.