Честитката од премиерот Груевски, испратена до Неговото Блаженство г.г Стефан, по повод државниот празник 8 Декември - „Св. Климент Охридски“

Ваше Блаженство,

Дозволете ми во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот, како и на сите православни верници во земјава и во странство, да Ви упатам честитки по повод 8 Декември - денот во кој го чествуваме родоначалникот на словенската литература, првиот словенски епископ и втемелувачот на Охридската архиепископија „Св. Климент Охридски“.

Почитувањето и чествувањето на ваквите големи празници е темелна премиса за зачувување и унапредување на македонската култура и високите христијански вредности. Климент Охридски преку своeто дело го спои светото и световното и на најдобар начин ја пренесе суштината и мисијата на православието, а тоа е солидарноста, подучувањето и описменувањето, јакнењето на христијанскиот дух и почитувањето на заедничките вредности и верата кај луѓето. Неговото црковно, книжевно и просветно творештво го осветли патот на многу нации во светот, не само на македонската и им даде поттик, мотив и сила за висок цивилизациски дострел.

Наша обврска е да продолжиме да чекориме по овие патеки, да ја поттикнуваме и промовираме воспоставената традиција на заедничко разбирање, почитување и помагање. Единствено на тој начин ќе покажеме дека Република Македонија е подготвена и пред најсилните предизвици доследно да ги застапува и применува универзалните вредности и цивилизациски придобивки на христијанството и на човештвото.

Бидете благословени и нека ни е за многу години големиот државен празник!

 

Со почит,

Никола Груевски