Премиерот Груевски во Брисел се сретна со претседателот на ЕУ Ван Ромпуј

Прашања поврзани со Македонија и Европската унија и она што земјата го направила како прогрес, реформите во изминатиот период во сите области, посебно во деловите кои се со особено внимание следени од страна на Европската комисија, како и вчера објавената пресуда од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, беа тема на денешната средба во Брисел меѓу македонскиот премиер Никола Груевски и претседателот на Европската унија, Херман Ван Ромпуј.

Премиерот Груевски по средбата изјави дека во најголем дел од разговорите се задржале на плановите во иднина и реформите во сите области.
 
- Ние сме пред усвојување на Акцискиот план за следниот период во врска со прашањата кои произлегуваат од Извештајот на ЕК и имавме разговор во тој дел. Разговаравме и во делот на актуелната финансиска ситуација во Европа и еврозоната која се рефлектира на сите земји во Европа па и пошироко, независно дали некој е во или надвор од еврозоната, рече Груевски.
 
Со Ван Ромпуј размениле мислења во однос на предизвиците наметнати од актуелната криза во еврозоната, нејзините ефекти и можностите за нејзино надминување. Притоа, претседателот на ЕУ го информирал за плановите за следниот период во однос на надминување на економската криза и  монетарната опасност со која е соочена еврозоната, а преку неа и сите останати кои на некој начин се поврзани со еврозоната.


 На средбата, Груевски се задржал на деталите од вчерашната пресуда од Судот во Хаг и нејзиното значење за евроинтеграциите за Македонија.
 
- Го информирав Ромпуј за деталите од вчерашното објавување на пресудата од Меѓународниот суд во Хаг, укажувајќи за сите поважни детали, дека Македонија очекува оти земјите-членки на ЕУ и НАТО ќе ја респектираат одлуката на Судот како нејзини основачи, додаде Груевски.


 Дали спорот со името со Грција ќе добие поинаква динамика по пресудата од Хаг, рече Груевски, во најголема мера зависи од другата страна.


- Ние сме подготвени и жалиме што изминатите шест месеци Грција, соочувајќи се со проблемите на внатрешен план очигледно не беше во можност да посвети внимание на ова прашање. Не знаеме дали сега ќе посвети внимание, особено имајќи ја предевид изјавата од пред 10—тина дена на новот грчки премиер кој кажа дека не е на неговата агенда ова прашање и не чувствува оти има мандат да се занимава со ова прашање, туку само со прашањата од финансиите и економијата, рече Груевски. 


Доколку остане така, потенцираше, ќе биде лошо за процесот и ние би имале штета, а ниту Грција не би имала преголема корист од тоа.

- Подготвени сме за разговори, но свесни сме и за ситуацијата во која се наоѓа нашиот јужен сосед и од тој аспект треба да се разгледаат сите околности кои произлегуваат и од вчерашната одлука на Судот во Хаг кој потврдува дека Грција направи прекршок во Букурешт, не дозволувајќи и на Македонија согласно договорот од 1995 година да биде примена во НАТО, така што се надеваме дека во иднина ќе се почитува тој став и нема да се повторуваат овие работи, изјави Груевски по средбата.

Груевски, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, Веле Самак, министерот за привлекување странски инвестиции и Виктор Мизо, директорот на Дирекцијата на Технолошко-индустриските развојни зони денеска ќе учествува и ќе се обрати и на македонско-белгискиот бизнис форум, кој е организиран во соработка со Валонската агенција за трговија и инвестиции.

Владината делегација пред претставници на повеќе десетици белгиски компании ќе ги претстават поволностите кои Македонија ги нуди за отворање и развој на бизнис, макроекономските податоци за тековните економски движења во земјата, како и полињата каде што може да се очекува продлабочување на економската и трговска соработка меѓу македонските и белгиските стопанственици.

 
Според податоците,  во периодот од 2006 до 2010 година, Кралството Белгија се наоѓа во групата на првите 25 земји со кои Република Македонија остварува најголем обем размена (во 2007 година го зазема 12-то место,  во 2008 година е на 16-то, во 2009 на 21-то место, во 2010 на 21-то и во 9-те месеци изминати досега од 2011 на 23-то место).

Македонија забележува суфицит во трговската размена во последните години, а од почетокот на годинава тој изнесува 13,8 отсто. 

Во 2011 година, во периодот до 9-ти месец, вкупниот обем на трговска размена меѓу двете земји изнесува $74,6 милиони долари, или 0,8 отсто од вкупната размена на Македонија со светот.

Попладнето, македонскиот премиер се очекува да оствари средба и со Крис Петерс, претседател на Владата на Фландрија.

Претседателот на македонската Влада од Брисел заминува за францускиот град Марсеј каде што ќе учествува и ќе се обрати на 20-тиот Конгрес на Европската народна партија (ЕПП). Во Марсеј, Груевски ќе учествува на состанокот на шефовите на држави и влади кои доаѓаат од партиите-членки на ЕПП.
 
Од Франција премиерот заминува за Хаг каде што ќе се сретне со претседателот на VNO NCW, Конфедерација на работодавачи на Холандија и со претставници на неколку поголеми компании. Следниот ден премиерот Груевски ќе учествува на Македонско-холандски бизнис форум.