Груевски: МВР не го прикривало убиството на Нешковски, сторителот е најден и осуден
Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека материјалите што вчера ги објави СДСМ од прислушувани разговори се креирани, сечени, монтирани и лепени, оти МВР најпрво не било информирано за случајот со убиството на Мартин Нешковски, како и дека откако добило информација направило се случајот што побрзо да се расчисти, по што сторителот е најден и осуден. Побара граѓаните внимателно да ги слушаат материјалите што се објавуваат и да не веруваат на воведите што ги кажува лидерот на СДСМ пред да ги презентира.
- Вчера имаше два настани, прес-конференцијата на Зоран Заев на која ги емитуваше креираните и сечени материјали, а втор настан беа попладневните протести. За првиот настан сакам да кажам дека колку и да се трудел да ги монтира и лепи разговорите, да прикаже дека сакаме да криеме нечие убиство, ако граѓаните го слушаа внимателно ќе можеа да забележат дека ако го нема неговиот наратив, се гледаат неколку работи. Во првите моменти МВР навистина не било информирано зашто никој не го пријавил случајот во МВР, вклучувајќи го и семејството. Имаше шпекулации дека МВР крие, а од разговорите пак се гледа дека не биле свесни што се случило. Кога станале свесни реакцијата била што побрзо да се најде сторителот и да се изведе пред суд за да се види брза реакција во однос на наоѓање и казнување на сторителот, изјави премиерот Груевски за телевизијата Канал 5.
Тој додаде дека сторителот е најден и оти тој во исказот го признал делото, но на крај не сакал да потпише. Тоа, рече Груевски, значи дека во ниту еден момент МВР не прикривало ништо, ниту, пак, глумеле дека не знаат.
- Сторителот е осуден на 14 години затвор. Целата теза на Заев е дека властите, МВР и јас лично и другите сме сакале да го сокриеме убиството зашто станувало збор дека тој што убил бил припадник на МВР. Штом МВР открива за што станува збор, лицето е изнесено пред суд и по завршувањето на судењето е добиена казна од 14 години затвор. Сите обиди на Заев со измонтирани материјали да прикаже погрешна слика завршија со неуспех, истакна премиерот.
Груевски потенцира дека се гледало оти протестите што се одржаа вчера по прес-конференцијата на СДСМ, биле планирани, а не спонтани, истакнувајќи притоа дека дошле луѓе со однапред подготвени банери и транспаренти.
- Очигледно некој знаел што ќе емитува, јасно беше дека станува збор за партиски членови и активисти на СДСМ кои се најчести сторители на кривични дела на други настани кои во секоја слична прилика се вклучуваат и прават насилство. Полицијата истрпи многу, луѓето стоеја со штитови неколку саати ги маваа со шипки и клинци за да ги повредат, издржаа огромна и многу тешка ситуација. Треба мирно да се реагира и на начин на којшто ќе биде мудар и демократски и по правилата на демократијата на државите во Европа, а ние сме партија избрана по демократски пат, истакна Груевски додавајќи дека за тоа што се случувало на протестите говори и фактот што биле повредени 38 полицајци.
Тој упати апел до македонските граѓани да не наседнуваат на, како што рече, креираните, монтирани и лепени материјали кои ги објавува опозицискиот лидер Зоран Заев и неговите воведи пред да ги презентира тие материјали.
- Вчера Заев рече „слушнете како луѓето од МВР сакале да сокријат убиство“, а требаше да каже „слушнете како луѓето од МВР прво не знаеле за таков случај, па кога дознале брзо реагираат и бараат побрза завршница“. Апелирам до граѓаните мудро да ги слушаат снимките кои ги објавува Заев и да ги стават настрана неговите воведи. Исто така апелирам до граѓаните со резерва да ги примаат информациите од различни медиуми со партиска агенда, рече Груевски.
Македонскиот премиер потенцира дека е подготвен за разговор и дијалог и дека Владата ќе се однесува како секоја европска држава.