Груевски во Брисел на македонско-белгиски бизнис форум

Македонскиот премиер Никола Груевски попладнево во Брисел учествуваше и се обрати на македонско-белгиски бизнис форум, по што оствари и средби со повеќемина белгиски стопанственици кои се заинтересирани за инвестирање во Република Македонија.

 
Акцент на средбата, која се одржа во рамки на еднодневната посета на премиерот на Кралството Белгија, беше ставен на туризмот и можноста за привлекување белгиски туристи, на земјоделството или можноста за поинтензивен извоз на земјоделски производи од Македонија, како и на инвестициона соработка, односно привлекување странски директни инвестиции од белгиски компании на македонска територија.
 
Во своето обраќање на форумот пред стопанствениците, Груевски меѓу другото ги појасни конкурентските можности и услови кои ги нуди Република Македонија, како поволна бизнис дестинација за инвестирање.

- Република Македонија со своите економски потенцијали, многу работа, труд, посветеност и одговорност на сите чинители во државата, постигна едно високо ниво на конкурентност на македонската економија, а со тоа и ја направи доста привлечна бизнис дестинација. Во изминатиот период, Владата покрај значајните активности што ги направи за подобрување на бизнис климата, исто така работеше и врз воспоставување на институционална архитектура за привлекување странски инвестиции, рече Груевски.
 
Во делот на макроекономските индикатори, посочи, има стабилна макроекономска политика, при што значително е зајакната финансиската регулатива.
 
- Извршена е либерализација на девизното работење, подобрена е ефикасноста на банкарската супервизија, има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2 отсто во последните 10 години, избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, како и стабилен девизен курс. Во делот на даночната политика, воведовме ниски и рамни даноци од 10 проценти, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка која не се распределува во дивиденда, етапно ги намалуваме социјалните придонеси за една-третина, со регулаторната гилотина ја поедноставивме бизнис регулативата и воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, истакна премиерот.

Претставувајќи ги можностите за инвестирање во Република Македонија, Груевски потенцираше дека воведени се мерки во делот со управување со градежно земјиште со што максимално е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналиите, а имплементирани се и серија други реформи кои имаат позитивен импакт на бизнис климата во Република Македонија.
 
- Отворените технолошко-индустриски развојни зони нудат низа поволности како ослободување од данок на добивка и данок на доход во првите 10 години, даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси. Во зависност од висината на инвестицијата, Владата дава до 500.000 евра субвенции за израмнување на земјиштето, кое воедно се дава под закуп по поволни услови за период до 99 години, при што се обезбедени инфраструктурни погодности, како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување, рече Груевски.
 
Од Македонија во Белгија во најголем дел се извезува тутун, зеленчук, текстилни производи, фероникел и производи од шеќер. Република Македонија од оваа земја увезува моторни возила, масла за подмачкување, пумпи и компресори, лекови и пластични маси.

- Кралството Белгија е значаен трговски партнер на Република Македонија. Во изминатите неколку години, просечното годишно учество на размената меѓу двете земји се движи помеѓу 1 и 1,5 отсто од вкупната трговска размена на Македонија со странство. Значајно е да се напомене дека за време на светската економска криза во 2008 и 2009 година, се забележува голем пад на обемот на трговска размена меѓу двете земји, особено на извозот на стоки од Македонија, што укажува на фактот дека економската криза во голема мера имала влијание врз меѓусебните трговски односи, додаде Груевски.

Премиерот ги повика белгиските бизнисмени да ја посетат Република Македонија и да ги искористат, како што рече, нејзините предности при реализација на нивните бизнис планови.

На форумот се обрати и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски кој е дел од владината економска делегација во Брисел. На форумот присуствуваа и Веле Самак, министерот за привлекување странски инвестиции и Виктор Мизо, директорот на Дирекцијата на Технолошко-индустриските развојни зони.

Пешевски во својата презентација ги претстави туризмот, инфраструктурата и енергетиката, како можни области кои би можеле да бидат интересни за белгиските компании.

Тој се осврна и на конкретните макроекономски показатели за движењата во Македонија, реформите кои се спроведуваат во областа на образованието и едукацијата на работната сила, посочувајќи ги поволностите кои земјата ги нуди за отворање и развој на приватниот бизнис.

Според податоците,  во периодот од 2006 до 2010 година, Кралството Белгија се наоѓа во групата на првите 25 земји со кои Република Македонија остварува најголем обем размена (во 2007 година го зазема 12-то место,  во 2008 година е на 16-то, во 2009 на 21-то место, во 2010 на 21-то и во 9-те месеци изминати досега од 2011 на 23-то место).

Македонија забележува суфицит во трговската размена во последните години, а од почетокот на годинава тој изнесува 13,8 отсто.

 Во 2011 година, во периодот до 9-ти месец, вкупниот обем на трговска размена меѓу двете земји изнесува 74,6 милиони долари, или 0,8 отсто од вкупната размена на Македонија со светот.

Во текот на денот, македонскиот премиер се очекува да оствари средба и со Крис Петерс, претседател на Владата на Фландрија. Предходно, во рамки на посетата на Брисел, Груевски оствари тет-а-тет средба со претседателот на Европската унија, Херман Ван Ромпуј.

Претседателот на македонската Влада од Брисел заминува за Марсеј каде ќе учествува и ќе се обрати на 20-тиот Конгрес на Европската народна партија (ЕПП). Во Марсеј, претседателот на Владата ќе учествува на состанокот на шефовите на држави и влади кои доаѓаат од партиите-членки на ЕПП.
 
Оттука, Груевски заминува за Хаг каде ќе се сретне со претседателот на VNO NCW, Конфедерација на работодавачи на Холандија и со претставници на неколку поголеми компании. Следниот ден премиерот Груевски ќе учествува на македонско-холандски бизнис форум.