МВР доби донација во опрема и обука за Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди
Американска донација во опрема и обука вредна 104 илјади долари денеска доби Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР.
“Може слободно да констатираме дека изминатите години всушност беа период на интензивни реформски зафати на македонската полиција. Меѓутоа, се она што досега е направено во повеќето сфери, а направено е многу - за што впрочем доволно сведочат резултатите, не ќе беше возможно доколку ја немавме соработката и поддршката што безисклучок ја имавме од нашите пријатели во меѓународната заедница“, истакна меѓу другото, министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешното примопредавање на донацијата на опрема наменета на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди а во рамките на континуираната соработка на Министерството за правда на САД и МВР преку ИЦИТАП - меѓународната програма за поддршка во обука во доменот на кривични истраги.
Јанкулоска потенцираше дека донацијата која што преставува еден посебен пакет од специјализирана истражна опрема, претставува исклучително вредна помош, не само од аспект на осовременување, односно модернизирање за поефикасно остварување на работните задачи на Секторот, туку и од аспект на, за МВР приоритетната, борба против корупцијата секаде, вклучително и во сопствените редови.
Американскиот амбасадор Пол Волерс кој што заедно со министерката Јанкулоска го потпишаа писмото за донацијата вредна над сто илјади американски долари, истакна дека успехот во борбата против корупцијата е од суштествено значење за напорите на Владата на Македонија да го зајакнат владеењето на правото на сите нивоа на владините и јавните службеници низ целата земја. “Неодамнешните апсења и кривичните пријави за корупција се позитивен знак. Им честитаме на службените лица за овие истраги“, потенцираше амбасадорот Волерс.
Во продолжение интегрално го пренесуваме обраќањето на министерката Јанкулоска:
“Најпрво, би сакала - и тоа не заради протоколарна куртоазност – туку сосема искрено, во свое и во име на Министерството за внатрешни работи, да се заблагодарам на нашите партнери и пријатели - амбасадата на Соединетите Амеркански Држави во Република Македонија, односно Владата на САД, за вредната и исклучително значајна донација во рамки на ИЦИТАП програмата, а чија што цел заеднички ја споделуваме: квалитативно, но и квантитативно напредување на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, како една од неспорно важните алки во структурата на нашето министерство.
Исто така, на самиот почеток на ова мое обраќање сакам јасно да кажам дека оваа денешна донација всушност не е прва, а убедена сум не е ни последната од разните форми на соработка, поддршка и помош, што нашите американски пријатели во континуитет изминатите години ги даваа на министерство за внатрешни работи.
Тоа, пак, од своја страна говори не само за конзистентноста на полето на меѓусебната билатерална соработка, туку наедно претставува своевидна обврска – сето она што е инвестирано во тие партнерски односи заеднички да го надградуваме и продлабочуваме.
Може слободно да констатираме дека изминатите години всушност беа период на интензивни реформски зафати на македонската полиција. Се разбира, реформите коишто значеа нормативно; структурно; техничко-технолошко; кадровско, па ако сакате и вредносно надградување на министерството за внатрешни работи, не се завршени. Напротив, тоа е динамичен процес подложен на промени, односно подложен на трансформациите диктирани од општествените потреби. Меѓутоа, се она што досега е направено во повеќето сфери, а направено е многу - за што впрочем доволно сведочат резултатите, не ќе беше возможно доколку ја немавме соработката и поддршката што безисклучок ја имавме од нашите пријатели во меѓународната заедница. Во тој смисол сакам да потенцирам дека нашите успеси на некој начин се и успеси на нашите партнери коишто безрезервно не подржуваа на патот на нашето етаблирање.
Донацијата што денес ја добива Министерството за внатрешни работи, односно Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, а која што преставува еден посебен пакет од специјализирана истражна опрема, претставува исклучително вредна помош, не само од аспект на осовременување, односно модернизирање за поефикасно остварување на работните задачи на Секторот, туку и од аспект на, за нас приоритетната, борба против корупцијата секаде, вклучително и во сопствените редови.
Во тој смисол реално е очекувањето дека со оваа опрема што ќе стане составен дел од инструментите што ќе му бидат на располагање на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, значително ќе се засилат капацитетите и перформансите на оваа организациона единица во реализирањето на посложените коруптивни случаи.
Истовремено, со оглед дека станува збор за опрема за спроведување на посебните истражни мерки, нејзиното ставање во функција во секојдневното работење на Секторот ќе значи и своевидно пракично обучување на единицата за спроведување на законот и во контекст на употребата на ПИМ. Во иста мера од оперативен аспект ќе значи поквалитетна истрага и поквалитетен технички надзор во текот на истражните дејствија, односно сумарно гледано подигање на квалитетот на истрагите на едно повисоко рамниште и нивно технолошко стандардизирање согласно практиките во развиените земји. Уште еднаш дозволете ми да упатам благодарност до амбасадата на САД во РМ, до тимот на ИЦИТАП проектот, за вредната донација изразувајќи го своето убедување дека оваа опрема односно нејзиното користење без дилема ќе дадат и тоа каков квалитетен допринос во работата на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди“