Отворена галерија „Нобеловците и АРМ за мирот“, со порака за мир како универзална вредност за подобра иднина
Во Воениот музеј - Музеј на Македонија во Скопје денеска беше отворена галеријата „Нобеловците и АРМ за мирот“, во духот на одбележување на 20 години од независноста на Република Македонија и 10 години од Охридскиот договор, како и во пресрет на одбележувањето на 20 години од формирањето на Армијата на Република Македонија.
Со изложбата, посветена на сите заложби што Република Македонија ги прави за мирот во глобални рамки, со особена благодарност до оние кои дале придонес за мирот во Македонија, потенцира министерот за одбрана Фатмир Бесими, се испраќа пораката за мир како универзална вредност за подобра иднина. Настанот е во организација на Министерството за одбрана, посочи, затоа што, токму АРМ е таа што заедно со припадниците на армиите на земјите-членки на НАТО, на ЕУ и на ОН, веќе 10 години учествува во меѓународни мировни мисии.
- Дајте и шанса на Република Македонија, на мирот, да успееме на Балканот да воспоставиме долгорочен стабилен мир и одржлив развој на регионот, нагласи министерот Бесими, отворајќи ја галеријата во присуство на дипломатскиот кор, акредитирани воени аташеа, претставници на верските заедници, генерали и други гости. Упати порака дека колку и да сакаме да споделиме љубов и мир во светот, нема да можеме тоа да го постигнеме ако меѓусебе тука во Македонија не се почитуваме.
Министерот Бесими во знак на благодарност за поддршката, му го подари на амбасадорот на Норвешка во Република Македонија, Кетил Полсен односно на норвешкиот Институт за мир, уникатниот флаер од денешната изложба во знак на благодарност за соработката.
Амбасадорот Полсен изразувајќи благодарност во неговото обраќање се осврна на делата на нобеловката Мајка Тереза, притоа истакнувајќи оти ова е многу важна изложба со која треба да се гордееме.
Александар Стојчев, директор на Воениот музеј нагласи дека ова е втора организирана поставка - фотогалерија во светот на добитниците на Нобеловата награда за мир.
- Не ме повикувајте да протестирам против војната, повикувајте ме да го славам мирот, е пораката што се уптаува од изложбата, истакна Стојчев.
Инаку, на брошурите за галеријата се наоѓаат ликот на Мајка Тереза и припадници на АРМ, затоа што, појасни Бесими, тие се борат за иста цел - обезбедување мир во целиот свет.
- Македонските мировници во целиот свет споделуваат љубов се до доживување болка и се подготвени да споделат љубов за мир се до моментот кога може да се загрози нивниот живот, рече министерот за одбрана.
На фотогалеријата „Нобеловците и АРМ за мирот“, во соработка со Нобеловиот комитет од Осло, е обезбедена автентична копија од дипломата за мир доделена на Мајка Тереза од Нобеловиот комитет во 1979 година, која првпат се изложува во јавноста и тоа во Република Македонија, во Скопје, нејзиното родно место.