Конференција за борба против трговија со луѓе
Можностите да се стави акцент на намалување на побарувачката како можност за превенција на трговијата со луѓе, ќе се разгледуваат на Конференцијата што се одржува денеска во организација на Шведската амбасада и Меѓународната организација за миграции со поддршка на Шведскиот институт, а во партнерство со Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.
- Шведска заедно со Норвешка и Исланд е една од малкуте земји кои забрануваат купување на сексуслни услуги и се фокусират врз купувачот и на побарувачката. Шведскиот пример е опишан како контроверзен и дискутабилен, но тоа дава можност за повеќе дискусија која води напред. Примерот е и пофален за промовирање на избалансиран пристап во превенцијата на трговијата со луѓе затоа што не само што ја зацврстува работата со потенцијалните жртви, туку се фокусира и врз потенцијалните потрошувачи, купувачи и посредници, истакна Сузана Заковска Раководител на канцеларијата на Меѓународната организација за миграција ИОМ.
Таа потенцира дека трговијата со луѓе и проституцијата се криминални феномени кои бара мултиресорски пристап. Таа, вели, ги менува своите одлики со текот на времето заради што е потребна меѓународна соработка, размена на искуства и податоци.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски смета оти со трговијата со луѓе и проституцијата флагрантно се повредуваат човековите права, поради што, како што рече, е потребен одлучен пристап во превенцијата и сузбивањето.
- Сигурноста е една од фундаменталните потреби на граѓаните на секоја држава. Елиминирањето на предусловите за создавање на криминал е важно, како и борбата против трговијата со луѓе и илегалната миграција, што покрај другото претставуваат сериозен облик на флагрантно кршење на човековите права на жртвите, рече министерот Ристовски.
Mинистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во обраќањето посочи дека главните активности во земјава во изминатите 10 години на планот на борба против трговијата со луѓе главно биле насочени кон истражните активности за пронаоѓање и казнување на трговците со луѓе како и идентификација и заштита на жртвите во комбинација со превентивни активности со цел намалување на регрутацијата на идни жртви.
Покрај ова, Јанкулоска кусо се осврна и на предвидените строги казни, особено во делот на користење на сексуални услуги од малолетно лице, потоа опасноста од сексуално преносливи болести, можноста за откривање од полицијата и нарушување на стекнатиот углед, како основа во превентивните активности за намалување на побарувачката на сексуални услуги, но и како опција за намалување на трговијата со луѓе.
Притоа министерката Јанкулоска потенцираше дека министерството и Владата се подготвени заедно со ИОМ и со останатите меѓународни организации да работат на овој важен сегмент од борбата против трговијата со луѓе во Македонија.
Целта на конференцијата е да се подигне свеста меѓу експертската и општата јавност за значењето и за начините за навремено спречување на трговијата со луѓе. Таа е замислена како форум за размена на искуства и пракса меѓу учесниците преку споделување идеи и применливи пристапи за поефикасна борба против ова таканаречено модерно ропство.