Владина делегација на средба со дијаспортата во Колумбус
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и владина делегација, вчера (петок, 25.09.2015 година), остварија средба со македонската дијаспора во Колумбус, Охајо, Соединетите Американски Држави.
Во своето обраќање премиерот Груевски ги истакна континуираните заложби на Владата за остварување на конкретна соработка со македонската дијаспора во сите сфери од заеднички интерес, потенцирајќи дека иселениците се значаен сегмент од македонската нација кои служат како мостови за соработка во земјите во кои живеат.
Потсетувајќи дека Владата го втемели правото на глас на иселениците, тој се осврна и на проектите кои се спроведуваат, а во чиј фокус се македонските иселеници, како што е проектот преку кој членовите на дијаспората на ефикасен начин може да ги добиваат потребните документи кои ги издаваат надлежните органи на Република Македонија. Претседателот на македонската Владата ги информираше присутните за реформите кои се спроведуваат во нашата земја, и истакна посветеност за градење на понатамошни заеднички активности со дијаспората во насока на промоција на македонските национални интереси, остварување на поголем број на странски директни инвестиции и ангажман на иселениците во реализација на проектите. Ја истакна и значајноста на финансиските контрибуции кои македонските иселеници ги упатуваат на членовите на нивните семејствата кои живеат во нашата земја.
Целата помош која што доаѓа од македонската дијаспора до граѓаните во Македонија е од големо значење. Можеби вам ви изгледа малку, можеби вие помагате на некој ваш роднина, братучед или било кој друг во Македонија, но кога сите тоа го прават на начин кој го прават со децении наназад, се заедно, тоа е огромна помош за Македонија, истакна премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните.
Претседателот на македонската заедница во Колумбус, Благоја Станишевски истакна благодарност до македонскиот премиер и членовите на владината делегација за постојаната комуникација со иселениците и реализацијата на проекти кои се од интерес за дијаспората.
Дека сме сите заедно и на иста линија знаеме и по тоа што Република Македонија ни возврати со можноста да се стекнеме со македонски документи, пасоши, државјанства за тие што ги немаат, а исто така и со правото да можеме да гласаме на парламентарните и претседателските избори во Република Македонија, истакна Станишевски.
Македонските иселеници позитивно ги доживуваат средбите со македонската Влада и на нив гледаат како на можност за размена на идеи кои се од интерес за нашата земја и заедничките интереси.
Ова е можност да размениме некои идеи за меѓународна соработка, за што поцврсти да бидат тие конекции помеѓу иселениците од Америка и во Македонија, со една заедничка цел на секаков можен начин да се подобри животот на Македонците во Македонија и на иселениците во Америка, изјави Филип Станковски, македонски иселеник кој живее во Колумбус.
Иселениците дадоа и позитивна оценка за проектот Родум од Македонија кој го организира Владата, а преку кој македонските иселеници поминуваат дел од летниот период во Република Македонија каде што може да се запознаат со карактеристиките на економскиот и општествен живот.
Тоа е многу добар проект, Родум од Македонија, оваа година бев таму, работев во кабинетот на министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, бевме и на Галичката свадба, во Прилеп, во Охрид, и треба што повеќе млади Македонци да одат во Македонија, изјави Филип Јотовски кој оваа година престојувал во нашата земја преку владиниот проект.