Груевски: Македонија е меѓу првите три земји во Европа со ниска задолженост, потврда и од ММФ
Меѓународниот монетарен фонд вчера ја затвори темата дали Република Македонија е презадолжена или ниско задолжена земја, односно јавно објави дека Македoнија е ниско задолжена земја со многу низок долг од 26 проценти од бруто домашниот производ, истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на СОС Детско село.
- Неколку месеци се соочувавме со лажни напади од опозицијата пред се од СДСМ дека Македонија е презадолжена и тоа токму во овие години кога ВМРО - ДМНЕ е на власт. Ние постојано укажувавме на тоа дека не само што не е презадолжена туку и долгот од 39 проценти што го затекнавме го намаливме на 26 отсто во однос на бруто домашниот производ, како што мерат сите економисти во светот и дека тоа е серизно намалување на долгот и земјата од средно задолжена ја внесовме во ниско задолжена земја. Мислам дека сме меѓу две или три земји во Европа според процентот на задолженост во однос на БДП, рече Груевски.
Тој посочи и на укажувањата од ММФ дека постојат индиции наспроти доаѓањето на должничката криза, како и за сите земји и за нашата, нагласувајќи дека тие ризици во Македонија не се од калибарот на задолженост и дали таа задолженост ќе може да се сервисира, туку од гледна точка дека земјата што се соочува со опасност да не може да ги врати долговите ќе предизвика намалување на производството и автоматски намалување на нашиот извоз што може да го погоди реалниот сектор.
- Тоа е нешто што и претходно го констатиравме и многу пати го кажавме, а вчера со изјавата на ММФ се расчисти заблудата во Република Македонија што ја ширеше СДСМ и други делови од опозицијата дека Македонија е презадолжена и за тоа колку ќе треба да се враќа и плаќа итн. Вчера стави точка на тоа и најповиканата институција што може да каже дека Македонија е ниско или презадолжена како што беше кажано. Стави точка на тоа и кажа дека земјата е меѓу најниско задолжените во Европа и во апсолутно и во релативна смисла, рече Груевски.
Прашан за оценка за Роуд шоуата кои поминаа и дали има најави за нови инвестиции Груевски рече дека се исплати и оти има заинтересираност за нови инвестиции во земјата.
- Ова е искуство што го имавме оваа есен на поинтензивни па би рекол и на агресивни настапи на поголема група инвеститори во различни земји и различни градови. Поуката од тоа е дека ова се исплати. Се зголемува интересот на инвеститорите, се наоѓа начин да се дојде до повисоки структури во компаниите кои што бараат локации за нови пазари и да се привлече нивното внимание кон Македонија, истака премиерот Груевски.
Тој посочи дека не е лесно да се направи тоа и оти понекогаш е потребно да се појават министри, да се појави и премиер, да се привлече вниманието на крупните компании и оние компании кои би инвестирале некаде.
- Тие компании бараат веќе нова локација, но се мислат каде е најдобро за нив тоа да го направат и кога одеднаш во градот им пристигнува голема екипа од одредена држава таа не може да не го предизвика нивното внимание затоа што тие и бараат држава каде би инвестирале. Доаѓаат на тоа Роуд шоу, на тоа презентирање, ги слушаат податоците и веднаш Македонија ја ставаат во една потесна група на земји во кои што треба да одберат каде ќе инвестираат, рече Груевски.
Тоа, додаде тој, е и добра прилика за директни средби со тие компании не само што присуствуваат на презентацијата, туку и оти потоа остваруваат и посебни средби со премиерот или со членовите на владиниот тим на кои се запознаени со сите можни детали, нешто што го немаат од другите земји.
- Овие неколку претставувања се можност за инвестирање во Македонија, анимиравме поголем број компании и јас очекувам дека веќе во текот на следната година дел од нив ќе започнат процедури за започнување изградба на свои капацитети во Република Македонија, дури и некои од нив за процедури за вработување во нивните компании. На почеток тие тргнуваат со помал број, со 100, 200, 300, а подоцна откако ќе се развие капацитетот некои од нив одат на 500, 1000, а некои ни најавија и по две-три дури и една компанија најави 4.000 вработувања доколку тоа се реализира, а во многу финална фаза сме тоа да биде реализирано, рече претседателот на Владата.
Во однос на субвенционирање авиолетови, премиерот истакна дека Владата веќе донесе став дека тоа ќе биде корисен чекор за Република Македонија и оти се одвоени средства во буџетот за наредната година што се очекува Парламентот следната недела да го усвои.
- Штом се усвои буџетот ќе почне правната процедура за распределба на овие средства и се надеваме дека ќе привлечеме нови нискобуџетни компании или некои од постоечките ќе отворат нови линии, што, секако, ќе помогне во носење туристи и многу други луѓе кои размислуваат да ја посетат Македонија од која било причина, истакна премиерот.
Тој додаде дека тоа понекогаш и самите потенцијални инвеститори го вкалкулираат во нивните пресметки, особено оние каде што треба менаџментот честопати да патува. Една од клучните ставки која што ја вкалкулираат и ја спомнуваат, истакна, е дали има или нема директна авионска линија и колку време треба да потрошат за да дојдат во Македонија.
Спопред премиерот главната димензија е тоа што ќе имаме многу повеќе туристи, затоа што ќе биде и поевтино патувањето, бидејќи станува збор за нискотарифни компании и побрза можност да се дојде до Македонија.
Тој појасни дека тоа е и една од мерките што се преземаат за привлекување повеќе туристи во Македонија чија бројка годинава е зголема за 25 проценти во однос на лани, а очекува следната година тој процент да биде уште поголем.
За проектот „Купи куќа - купи стан“ информира дека е веќе во поодмината фаза и оти се очекува на крајот на првиот квартал од идната година, односно најдоцна до мај, да се доделат првите средства на корисниците. - Парламентот го прифати законот. Сега стартува имплементација на тој закон. Во почетокот на следната година ќе почне процедурата за огласување на кое што ќе можат да се јават сите граѓани кои ги исполнуваат условите и очекувам некаде крајот на март или април, најдоцна почетокот на мај, да се доделат првите средства на оние кои ќе бидат корисници на оваа програма, рече премиерот и додаде дека она што е ветено веќе е во длабока фаза на подготовка и реалната реализација односно примањето на тие пари и уплатување - изградба или купување куќи или станови ќе почне некаде кон крајот на првиот квартал следната година.