Министерот Попоски се сретна со јапонскиот колега Кишида
Во рамки на посетата на Јапонија министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, денеска во Токио имаше средба со неговиот јапонски колега, министерот за надворешни работи на Јапонија, Фумио Кишида.
На средбата, како што соопшти денеска МНР, се разговарало за билатералните односи меѓу двете земји, за состојбата со мигранскиот наплив во Европа, евро-атланските аспирации на Република Македонија, а се дискутирало и за можноста за што поскоро отворање амбасада на Јапонија со седиште во Скопје.
Кишида изразил благодарност за посветеноста на Република Македонија за унапредување на соработката со Јапонија, истакнувајќи ги посетите на премиерот Никола Груевски минатата година и оваа на Попоски, како клучни во натамошниот развој на односите меѓу двете држави.
Воедно, ја нагласил загриженоста за состојбата со бегалско-мигрантската криза, истакнувајќи ја хуманитарната помош од 2,5 милиони долари за Македонија и Србија за справување со последиците од напливот на мигранти.
- Изразувајќи благодарност за поддршката од Јапонија за справување со мигрантскиот наплив, Попоски истакна дека Република Македонија останува посветена на европските вредности, преземајќи улога како член на ЕУ во изнаоѓањето на заедничко европско решение на овој предизвик. Воедно, Попоски ги истакна поволностите кои ги нуди државата за привлекување странски инвестиции, континуираниот пораст на БДП и високото позиционирање на извештајот од Светска банка Doing Business, како и можностите за зголемување на бројот на јапонски туристи во Република Македонија, се вели во соопштението од МНР.
Попоски и Кишида разговарале и за пречките на Република Македонија во евро-интеграциите, како и за напредокот во решавање на политичката состојба во домашни рамки. Исто така, разговарале и за повеќе актуелни меѓународни и мултилатерални прашања, меѓу кои и состојбите во Источна Азија, безбедносната политика на Јапонија со посебен акцент на владеење на правото и принципиелноста во меѓународните односи.
Попоски во Токио имал и работна вечера со почесниот генерален конзул на Република Македонија во Јапонија, Масатаке Мацуда на која се разгледувале конкретни можности за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, со посебен акцент на економијата.