„Дуинг бизнис“: Македонија шеста во Европа, 12-та во светот од 189 земји
Македонија е највисоко рангирана економија од регионот на Европа и Централна Азија, а 12-та глобално рангирана од 189 земји во светот, покажува најновиот извештај „Дуинг бизнис 2016“ на Светска банка.
Македонија напредувала за 18 позиции во однос на претходниот извештај кога била рангирана на 30-тото место.
Во извештајот објавен вчера се наведува дека Македонија се истакнува во неколку области на олеснување во работењето.
Глобално земјата е втора најдобро рангирана во областа за започнување бизнис како резултат на поедноставувањето на процедурите преку воспоставување задолжителна онлајн регистрација. На седмо место е во делот на даноците, на 10-то во делот на издавање градежни дозволи, на 14 во заштитата на малцинските инвеститори, на 26 во делот за почитување на договори и прекугранична трговија, на 37 при постапување на банкрот на компании, на 42 за добивање на кредит и на 45 во делот на приклучување со електрична енергија. Во делот на запишување сопственост на имот Македонија го зазема 50 место.
Литванија и Летонија се втора и трета од најдобро рангираните економии од регионот на Европа и Централна Азија, а глобално се рангирани на 20-тото и 22-тото место.
Од земјите во регионот на Југоисточна и Централна Европа, по Македонија се рангирани Словенија на 29 место, Романија на 37, Бугарија на 38, Хрватска на 40, Црна Гора на 46, Србија на 59, Босна и Херцеговина на 79 место и Албанија на 97 место.
Најдобри услови за бизнис во светот има во Сингапур, втор е Нов Зеланд, трета е Данска, четврта Јужна Кореја, а на петто место е Хонгконг. Пред Македонија се уште Велика Британија, САД, Шведска, Норвешка, Финска и Тајван.
Најлоши услови за водење бизнис во светот има во Еритерија, Либија, Јужен Судан и Венецуела.
Извештајот „Дуинг бизнис“ се однесува на периодот од 1 јуни 2014 до 1 јуни годинава.