Нови студентски домови и универзитет во Скопје

На местото на старите бараки од студентскиот дом „Невена Георгиева-Дуња“ (Медицинар) ќе се гради нов дом за студенти со современи услови, на површина од 1.200 метри квадратни. Од идната академска 2016/2017 година во Скопје ќе почне да работи нов државен универзитет  - „Мајка Тереза“ со настава на македонски, албански и англиски јазик, најави денеска премиерот Никола Груевски. 

По 15 јануари ќе се објави тендерот за изградба на објектот, на местото на бараките кои не се во употреба и ќе бидат урнати. Според планираниот проект, новиот дом ќе има четири ката и спортска сала и капацитет за сместување на 350 до 400 студенти. 

- Владата донесе одлука и за уште два други студентски дома, едниот е во Скопје, во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде што капацитетот ќе биде меѓу 400 и 500 легла, а ако има потреба и повеќе. Во моментот се почнати процедуралните работи за почеток на овој проект, односно за вцртување во Детален урбанистички план и слично. Медицинарот е веќе вцртан во ДУП и има речиси готов проект, очекуваме оваа пролет да започне изградбата на овој дом. Третиот студентски дом е на Универзитетот во Тетово кој на почеток ќе има околу 350 легла, колку што засега се цени дека ќе има потреба, со можност понатаму да се надгради до 500 легла, изјави премиерот Груевски.

Исто така, во завршна фаза е и тендерот за целосно реновирање на блокот А во студентскиот дон „Гоце Делчев“, каде што комплетно е реновиран блокот Б. Објавен е тендер за проект за реновирање и на блоковите В и Г. 

Во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе почне и изградба на зграда Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој немаше свој објект, и на Факултетот за физичка култура (ДИФ) кој работи во стари и дотраени бараки. Изградбата треба да заврши за една и пол година. 

- Денеска донесовме одлука да се отвори уште еден универзитет во Скопје. Ќе се вика „Мајка Тереза“, ќе биде на три јазици - на македонски, албански и на англиски и ќе има сериозна интернационална димензија, бидејќи ќе има професори и студенти и Македонци, и Албанци, но и странци. Можно е да има декани странци, можеби и ректор странец зашто законот тоа го дозволува. Универзитетот ќе биде нов квалитет во нашето високо образование, истакна Груевски.  

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми рече дека Владата денеска ги усвоила предлозите на МОН - за основање нов универзитет во Скопје и за измени на законот за Државниот универзитет во Тетово. 

Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе има пет факултети: за градежништво и архитектура, за технички науки, за технолошки науки, за информатички науки и факултет за социјални науки, со вкупно 14 студиски програми за прв и втор циклус.

- Ќе почне да функционира од следната академска година. МОН предвидува да објави тендер за главен проект за објектот за новиот универзитет, кој ќе биде лоциран во поранешната касарна Илинден, каде веќе е усвоен и Детаљниот урбанистички план. Со измените  и дополнувањата на Законот за Државниот универзитет во Тетово се предвидува формирање два нови факултета - за земјоделство и биотехнологија и педагошки факултет, рече Адеми.