Божикна честитка од премиерот Груевски
До: Д-р. Киро Стојанов Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Република Македонија
Почитуван г. Стојанов,
Дозволете ми Вам лично, на Вашето ценето свештенство и монашки заедници и на сите верници од католичка вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот христијански празник - Божиќ.
Божиќ е празник на љубовта и радоста, празник на спокојот и милосрдието, празник кој нè потсетува на вистинските божји патишта и нè учи да ги почитуваме високите морални вредности. Божиќ е денот на радоста во душата на секој верник. Во мир и спокој да ја примиме веста која столетија наназад го осветлува планот Божји и неговата промисла да ни ги отвори патиштата по кои треба да чекориме. Бог е со нас, а симбол на таквиот дар е Христовото раѓање.
Нека е за многу години денот! Да се радуваме и да ја споделиме љубовта Божја, да постанеме и ние синови Божји. Како што нè учи овој голем празник, да се свртиме кон ближните, кон пријателите, кон нашите соседи, кон нашите сограѓани, кон нашата држава. Да ги обогатиме со својата љубов и добрина, да даруваме чисто, безусловно и со целото свое срце.
Ви посакувам убави празнични денови, многу здравје, многу радост, успех и благосостојба во наредната 2016-та година.
Нека е честит и благословен големиот христијански празник – Божиќ !
ХРИСТОС СЕ РОДИ !
Со почит,
Никола ГРУЕВСКИ