Можности за соработка во културата со Обединетите арапски емирати
Република Македонија е земја со богата историја и култура и токму затоа од особена важност е воспоставувањето односи во областа на културата, како и поголема размена на проекти и уметници, истакна директорот на Институтот за културно наследство на емиратот Шарџа од Обединетите арапски емирати (ОАЕ) Абдулазиз ал Калди на денешната работна средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Како што соопшти Минисерството за култура, на средбата, на која присуствуваа заменик-министерот за образование Спиро Ристовски, амбасадорот на Републука Македонија во ОАЕ Сашо Ташевски и директорот на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“ Мите Стефоски, беа разменети мислења за идните планови и проекти кои ќе ги интензивираат културните врски меѓу двете земји.
Стана збор и за можноста следната година, кога се одбележуваат 20 години од воспоставувањето билатерални односи меѓу Македонија и ОАЕ, да се потпише меморандум за соработка во областа на културата, документ кој ќе биде правна основа за реализација на проекти меѓу двете земји. По повод големиот јубилеј, беше разгледна и можноста во 2016 година во Обединетите арапски емирати да биде организирана Недела на македонската култура во чии рамки ќе бидат прикажани различни сегменти од македонските културни вредности.
Министерката Канческа-Милевска информираше и за многубројните капитални инвестиции во сите сегменти од културното живеење, а ја посочи и можноста издавачките куќи од Обединетите арапски емирати да аплицираат на конкурсот на Министерството за култура наменет за странските издавачки куќи кои се заинтересирани во својата земја да преведат дела од македонската книжевност. Беше потенцирано и значењето на поголемо учество на поети од оваа земја на светски реномираната манифестација „Струшки вечери на поезијата“, како и на фестивалот „Охридско лето“, а гостите од ОАЕ упатија покана следната година Република Македонија да учествува на реномираниот фестивал на културно наследство, кој има еден милион посетители на годишно ниво. Исто така, беше разгледана и можноста за промоција на македонската литература на реномираниот Саем на книгата кој секој ноември се одржува во оваа земја.
На средбата стана збор и за интензивирање на соработката во областа на образованието, при што беше потенцирана и важноста од потпишување меморандум за соработка преку кој ќе се овозможи меѓууниверзитетска соработка, отворање катедра на арапски јазик во нашата земја, како и стипендирање кадри од областа на техничките науки, историјата, литературата и други сфери.