Груевски за „Лидерс“: Предностите на Македонија
Премиерот Никола Груевски во интервју за американскиот магазин „Лидерс“ зборува за стратегиските приоритети на Владата, за странските инвестиции, можностите за развој и стабилност на земјата, бегалската криза…
„Лидерс“ магазин е основан во 1978 и се занимава со светските лидери во политиката, дипломатијата, бизнисот, медиумите. „Лидерс“ е единствен светски магазин кој ги пренесува ставовите и визиите на лидерите и највлијателните луѓе во светот. „Лидерс“ е списание кое претставува форум на идеи и мислења на светските лидери за клучни актуелни прашања.
Бевте доста сериозен во реализирањето на поголем број цели за вашата администрација. Кои се вашите приоритети и како напредува нивната реализација?
– Владата има пет стратегиски приоритети, кои се во голема мерка еднакво значајни. Првиот е да го реализираме нашиот план за членство во НАТО и во Европската Унија и да најдеме решение како тоа да го сториме без Грција да го попречи нашето членство во двете организации.
Нашата втора исклучително значајна стратегија е поврзана со економијата. Отворивме нови работни места, донесовме странски инвеститори и создадовме добра бизнис клима и општо земено силна економија која генерира нови работни места.
Третата цел е во насока на одржување добри внатрешни односи. Македонија е мултиетничка држава и за нас ова е многу значајно. Ова го подразбира имплементирањето на Охридскиот договор потпишан во 2001 година, нормализирање на односите и создавање подобра атмосфера меѓу разните етнички заедници.
Следниот од нашите приоритети е поврзан со владеењето на правото и разните подобрување во системот на квоти и во администрацијата, како и борбата против криминалот и корупцијата.
Петтиот од нашите врвни приоритети е не само да се изнајдат начини да се подобри квалитетот на образованието, туку тоа да стане полесно достапно до сите граѓани низ земјата. Врзано со ова е и образованието и истакнувањето на претприемачкиот дух на граѓаните. Развиваме многу инструменти во оваа насока.
Македонија ретко се спомнуваше кај странските инвеститори, но вие изградивте платформа за нивен влез. Дали тие ја разбираат пораката дека Македонија нуди можности за развој и стабилност?
– Како држава ние имаме и политичка и макро-економска стабилност. Нашиот раст изнесуваше околу 2 проценти годишно во изминатите 15 до 20 години. Го одржуваме државниот долг на ниво од 36 проценти од
бруто-домашниот производ и јавниот долг на 43,8 проценти. Пред 2006
година, државниот долг изнесуваше 40 проценти од БДП. Имаме стабилна валута која е врзана со еврото. И другите елементи поврзани со макроекономската состојба се стабилни. Во изминатите две години го достигнавме второто највисоко ниво на економски раст во Европа од 3,8 проценти. Се надевам дека годинава ќе имаме многу добри резултати во споредба со другите европски земји. Една од најатрактивните предности кои ги нуди Македонија е што има меѓу најниските трошоци за водење бизнис во Европа. Тука мислам на разните расходи, вклучително и даноците, царините, логистиката, енергенсите, трошоците за работна рака… Имаме најниски даноци во Европа. Данокот на личен доход во Македонија е 10 проценти, исто како и данокот на добивка. Доколку добивката се реинвестира, данокот изнесува 0 проценти. Ги намаливме царините и другите давачки, придонесите за здравствениот и пензискиот фонд и преземавме многу други чекори поврзани со намалување на давачките и воведување на рамни даноци. Дополнително, создадовме сободни економски зони во кои компаниите не плаќаат даноци во првите 10 години од своето работење. Ова е значителна предност.
Ние сме мала земја од два милиони луѓе на 25.000 квадратни километри, но имаме договори за слободна трговија со сите земји во Европа, со исклучок на Русија. Ова значи дека се што е произведено во Македонија може да биде извезено во европските земји без да се плаќаат давачки. Производите од Македонија имаат слободен пристап во која било земја на европскиот континент со исклучок на Русија. Со овој чекор ние го надминавме хендикепот на нашиот мал домашен пазар. Договорите за слободна трговија ни помагааат, заедно со ниските давачки и добро образованата работна рака, да бидеме држава која може да послужи како порта за влез на европскиот пазар. Многу странски компании купуваат земја и отвораат производствени центри во Македонија од кои ја покриваат цела Европа.
Еднакво важно е што ја подобривме бизнис климата во изминатите девет години. Во 2006 година, кога беше избрана мојата Влада, во извештајот Дуинг Бизнис на Светската Банка Македонија беше рангирана на 96 место. Денес сме 12. во светот и шести во Европа. Само Британија и скандинавските земји се пред нас. Тоа е сериозно подобрување. Во меѓувреме, извештајот на Светската Банка не пласираше меѓу 10-те најреформски држави во светот четири пати, а двапати бевме пласирани на второ место според спроведените реформи.
Ова дојде како резултат на многуте чекори кои ги преземавме. Една од
мерките подразбираше реформа на бирократијата, со која илјадници бирократски процеси ги направивме побрзи или поевтини. Работевме заедно со стопанските комори и со повеќе од 350 компании од разни сектори и големини. Ги детектиравме сите слабости во бирократијата на кои компаниите се жалеа и елиминиравме најголем дел од нив. Тие што не ги елиминиравме ги забрзавме или поевтинивме. Сменивме доста работи кои ја поткопуваа предноста на нашата држава и ги претворивме во наши силни точки. На пример, во 2001 и 2002 година, нашето Министерство за финансии за првпат формираше Централен регистар. Денес, македонскиот Централен регистар е оценет како најдобар во Европа и на 16. место во светот. Со реформите, го скративме времето потребно да се отвори компанија. Во минатото беа потребни неколку месеци да се отвори компанија – сега тоа може да се стори за четири часа, од која било локација во светот. Нудиме и бесплатен интернет и евтини трошоци за старт-ап компаниите. Нудиме електронско плаќање на даноците и електронска комуникација со царинската служба и имаме стопроцентна покриеност на земјата со електронско работење со клиенти. Тоа што претставуваше наша слабост во минатото, сега е наша предност.
Слободните економски зони се интересни за инвеститорите. На пример, покрај даночните олеснувања, со кои тие не плаќаат данок на личен доход или на заработувачка во првите 10 години, се укинуваат и данокот на додадена вредност и давачките за увоз на суровини за производите наменети за извоз. Воедно, нудиме многу ниски цени, практично бесплатно изнајмување на земјиштето, во рок од 99 години. Владата придонесува до 560.000 долари за изградбата на фабриките, објекти и многу компании дојдоа од САД, Британија, Германија, Италија и други земји.
Работиме напорно да го подобриме не само квалитетот на образованието, туку и бројот на високо-образовани луѓе. Англискиот јазик задолжително се изучува во основното и средното училиште, како и еден дополнителен светски јазик. Ги изменивме наставните планови во основното и средното образование за да вклучиме изучување на информатичките техонологии, етика, бизнис, претприемништво и други предмети кои се важни за младите луѓе во оваа фаза на развојот на нашата земја. Средното образование го направивме задолжително и бесплатно, со што обезбедуваме дека дури 99 проценти од децата завршуваат средно училиште, што е многу важно за мерките кои ги преземаме. Висок процент од младите луѓе се запишуваат на факултет, благодарение на субвенциите за високото образование. Ја намаливме цената на факултетското образование на 250 долари годишно. Преведовме над 1.000 учебници кои се користат во разни области на водечките десет универзитети во светот и ги направивме достапни на разните универзитети во Македонија. Инвестиравме многу пари во набавка на нови лаборатории за факултетите кои се користат и за бизнис, не само за научни истражувања. Вложуваме меѓу 5 и 6 проценти од нашиот бруто домашен производ во образованието. Исто така имаме и висок процент на луѓе под 30 години – 41,2 проценти од граѓаните се во оваа старосна категорија – и тоа ни помага да привлечеме повеќе инвеститори.
Најголемиот предизвик на нашата економија е стапката на невработеност. Кога беше избрана мојата Влада во 2006 година, стапката на невработеност беше 38 проценти – највисока во Европа. Денес, и покрај тешкиот период кој го минавме со светската финансиска криза, ја намаливме невработеноста до 26 проценти. Оваа стапка се уште е висока, но е 12 процентни поени пониска од нејзиното рекордно ниво и, што е уште поважно, со секое тримесечие таа дополнително се намалува. Верувам дека оваа динамика ќе продолжи во следните две до три години, со натамошно намалување на невработеноста. Граѓаните ги препознаваат и ги поддржуват овие политики.
Дали сите овие мерки, во образованието, претприемачката култура, се меѓусебно поврзани?
– Се е поврзано. На пример, им нудиме на компании, кои ќе дојдат во нашата земја и планираат да отворат фабрика и да вработат меѓу 300 и 500 работници, можност во факултетските наставни планови да се извршат прилагодувања на програмата кон нивните потреби, со цел компаниите да можат веднаш да најдат дипломирани студенти од профилите кои им се потребни. Ние нудиме поволни цени, квалитетна и добро образувана работна рака и голема понуда на искусни работници, и сето тоа претставува предност за компаниите кои доаѓаат тука. Како резултат на тоа, многу компании решија да се прошират во Македонија.
Каква е состојбата со бегалската криза?
– Низ земјата поминуваат голем број бегалци. Во еден момент, бевме во можност да сториме нешто во врска со тоа и да ја смениме стратегијата. Во почетокот не обрнувавме многу внимание на ситуацијата, кога по 500 луѓе минуваа дневно, но кога бројките се искачија над 2.000 луѓе, решивме дека овој транзит мора да биде подобро организиран. Ги ангажиравме армијата и полицијата, како и нашиот здравствен систем. Создадовме систем кој функционира добро и во кој луѓето кои доаѓаат до нашата граница добиваат храна, вода и медицинска помош. По регистрирањето, за еден до два часа сите податоци се споделуваат електронски со европските држави. Потоа, луѓето се пренесуваат со воз, имајќи предвид дека многумина од нив сакаат да стигнат до Германија, Шведска и други држави. Засега, ја менаџираме состојбата. Бројките достигнуваат до 6.000 луѓе дневно, некогаш и повеќе. Имавме и по 10.000 луѓе дневно. Во текот на годината, над 600.000 бегалци поминаа низ нашата земја и ние им обезбедивме хуманитарна помош на сите нив.
Дали има моменти кога може да се осврнете на успесите, или постојано сте фокусирани напред, кон следните неопходни чекори?
– Има многу моменти. Со мерките кои ги преземавме, процентот на млади луѓе кои се запишуваат на повисоко ниво на образование се искачи безмалку на 95 проценти. Околу една третина нема да го завршат образованието, но 65 проценти го завршуваат, што е сериозна предност која ги поттикнува инвеститорите да дојдат тука. Создадовме програми за луѓе кои немале можност да студираат бидејќи немале средства или не сметале дека тоа е важно за нив. Овие програми се за луѓе на средна возраст, 35 години или постари, и честопати предавањата се преку викенд. Многумина од нив успеваат да завршат факултет и стекнуваат нови знаења и одат напред со своите кариери. Сретнав многу луѓе кои ми се заблагодаруваат за оваа можност. Многумина си ги утроија платите благодарение на ова.
Дали отсекогаш ве интересираше јавната служба?
– Почнав да работам во приватна банка во главниот град. Две години подоцна ги положив сите неопходни испити за да станам берзанси брокер, во време кога за првпат се отвораше берза во Македонија. Ја извршив првата трансакција на македонската берза во 1996 година. Во тој момент немав претстава дека некогаш ќе работам во Владата, но така се случи.
Кон вашиот успех придонесе тоа што се опкруживте со талентирани луѓе. Колку ви беше важно да ги донесете тие луѓе во вашата Влада?
– Една од предностите на мојата политчка партија е што секогаш се обидувам да ги привлечам најдобрите луѓе. Кога ја формирав Владата во 2006 година, повеќе од половина од министрите не беа членови на партијата. Една третина од министрите денес доаѓаат од САД, работеле во компании како Мајкрософт, Хјулит Пакард, Сименс, Светската Банка… Кога работите со луѓе кои го споделуваат нивното знаење, искуство и кои можат да испорачуваат на високо ниво, полесно е да добиете добри резултати.