Средба: Спасовски-Шпинделегер
Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски денеска се сретна со извршниот директор на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики (ИЦМПД), Михаил Шпинделегер.
На средбата, како што соопшти МВР, било разговарано за моменталната миграциска криза со која се соочува Република Македонија.
Министерот Спасовски ја презентирал моменталната состојба, начинот на регистрација на мигрантите и постапките кои се преземаат за заедничко делување на сите земји на миграциската рута.
Двајцата соговорници констатирале дека е потребно Европската унија да донесе заедничка одлука за менаџирање на мигациската криза, за која Спасовски посочил дека иако Република Македонија не е членка, сепак одлуката ќе се почитува и спроведува од наша страна.
Министерот за внатрешни работи нагласил дека се уште е далеку крајот на миграциската криза, поради што побарал од Шпинделегер да изнајдат начин да ја вклучат и Грција во активностите на ИЦМПД, бидејќи Грција заедно со Турција (која е во постапка за зачленување во ИЦМПД) се исто така многу важни во менаџирањето на миграциската криза.
Шпинделегер нагласил дека ИЦМПД планира во текот на 2016 година да отпочне проект во Република Македонија за помош на македонските власти за соодветно справување со миграциската криза, се наведува во соопштението од МВР.