МОН ќе избира најдобра училишна веб страница
Државен натпревар за избор на најдобра веб страница, наменет за сите основни и средни училишта за учебната 2015/2016 година, ќе организира Министерството за образование и наука, најави денеска на прес-конференција заменикот министер Спиро Ристовски.
- Зголемувањето на креативниот и иновативен потенцијал на учениците преку примена на компујтери, компјутерски алатки и програми е една од приоритетните заложби на Министерството. Во таа насока, минатата година го воведовме државниот избор на најдобра училишна веб страница, мерка која е одлична можност за филтрација на најдобрите и најкреативни ученици од сите училишта, но и добар стимул за помалку креативните и за развој на натпреварувачкиот дух, рече Ристовски.
Веб страницата, како што посочи, треба да биде изработена од редовните ученици во училиштето, предводени од најмалку еден наставник и при тоа, не е дозволено користење на готов урнек. Ристовски ги повика сите ученици да се вклучат во натпреварот во кој пресудни за победа ќе бидат квалитетот, оригиналноста на дизајнот и функционалноста на изработените страници.
Јавниот повик е веќе објавен на страницата на Министерството и сите основни и средни училишта во земјата за учество ќе можат да се пријават најдоцна до 31 мај 2016 година. Селекцијата и рангирањето во двете категории ќе ги спроведе Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието и Министерството за информатичко општество и администрација, изјави Ристовски.
На новинарско прашање за вчера најавеното отворање на математичка гимназија, Ристовски рече дека основната идеја е да се формира училиште од национален интерес и тоа да почне да функционира на почеток на 2018 година, но на тоа претходат сериозни активности и подготвителни работи кои мора да бидат спроведени.
- Како што најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ планот е таа да биде со сместувачки капацитети и најдобрите и најталентирани ученици за математика да бидат секоја година составен дел од таа математичка гимназија. Планот е најпрво да се започне со формирање на една паралелка, која што ќе има исклучително високи критериуми за прием и кои ќе зависат од степенот на познавање на математиката. Ќе станува збор за ограничен број што нема да надминува повеќе од 20 ученици годишно и со нив ќе работи постојан кадар наставници по математика, физика, хемија, психологија и логика, истакна Ристoвски.