Бесплатни обуки за 2.000 млади за компјутери и странски јазици
Сите невработени млади до 29 години кои имаат завршено минимум средно образование од денеска ќе можат да аплицираат на огласот за обуки за странски јазици и компјутерски вештини за 2.000 лица, што ги овозможува државата преку Агенцијата за вработување на Република Македонија. Огласот за обуките е отворен денеска и ќе трае до исполнувањето на квотите. За реализација на обуките државата има обезбедено 12 милиони и 400 илјади денари.
Огласот предвидува обука за странски јазици за 1.000 невработени млади лица до 29 години и обука за компјутерски вештини за 1.000 лица.
- Би сакал да ги поттикнам сите лица кои сакаат да ги зголемат своите вештини да аплицираат на објавените огласи да ја искористат оваа шанса бидејќи се поголем број работодавачи во Македонија при селекцијата на лицата кои ќе ги ангажираат или вработат бараат тие да имаат основни познавања за компјутерски вештини и странски јазици, рече на денешната прес-конференција заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Појасни дека обуката за странски јазици опфаќа почетно средно или напредно ниво, за англиски, француски или германски јазик, додека обуката за компјутери е за вештините од Microsoft Office.
Директорката на Центарот за вработување од Скопје Слободанка Алексовска информираше дека заинтересираните треба да имаат завршено минимум средно образование.
Право да аплицираат, додаде таа, имаат сите невработени активни баратели на работа, но и оние кои досега не биле евидентирани во АВРМ. Тие ќе треба да се евидентираат и потоа да аплицираат за некоја од обуките.
Единствен критериум при селекцијата на оние кои ќе може да посетуваат некоја од обуките за лицата со средно образование ќе биде социјалниот статус односно висината на примањата во семејството, доколку на огласот има повеќе пријавени од предвидениот број.
При селекцијата на лицата со завршено високо образование освен социјалниот статус кој носи до 65 поени, до 35 поени ќе се бодува и рангирањето на факултетот на Шангајската листа.
Оваа мерка, како што појасни Спасов, е една од повеќето кои ги реализира Владата за вработување на млади лица до 29 години. Од година во година се зголемува процентот на млади лица во сите мерки за вработување, рече Спасов, при што оваа година се планира да биде достигнато нивото над 30 проценти учество на младите во сите мерки за вработување.
Се реализираат, додаде тој, и посебни проекти за младите како мерката со ослободување од плаќање придонеси за една година за приватните компании кои ќе вработат млади до 29. Мерката почна да се реализира од март 2014 година и, како што потенцира Спасов, има одлични резултати и го иницирала проектот Македонија вработува, по што станала дел од него.