Димитриев: Владата ќе продолжи со нови капитални проекти за Кочани
Во јуни/јули оваа година се очекува да започне со изградба новиот експресен пат Кочани – Штип во должина од 26 километри, во вредност од 53,4 милиони евра, најави премиерот задолжен за одржување на изборите Емил Димитриев кој денеска беше во работна посета на кочанскиот регион.
Димитриев присуствуваше на пуштањето во употреба на две ново асфалтирани улици „Февруарски поход“ и „13 Македонска бригада“ во кочанската населба Драчевик што претставува дел од проектот за асфалтирање на 10 улици во градот Кочани во вредност од околу еден милион евра кои Општина Кочани ги има обезбедено со владина помош преку Светска банка.
- Покрај овој проект во Кочани и Кочанско Владата реализира голем број проекти за подобрување на условите за живот на граѓаните, како што се изградба на патишта, водоводи и канализациски системи за кои се инвестирани околу четири милиони евра, нагласи Димитриев.
Меѓу другите, ги спомена проектот за одвојување на атмосферската од фекалната канализација како основен предуслов за изградба на фекален колектор и пречистителна станица во Кочани за што Владата дополнително ќе помогне со еден милион евра.
Пред граѓаните Димитриев истакна дека Владата ќе продолжи со нови инвестиции и капитални проекти за Кочани и околните места. Најави дека двата нови проекта за експресниот пат Кочани – Штип и рехабилитацијата на патната делница Кочани – Македонска Каменица – Делчево во должина од 30 километри, вредност од околу 6 милиони евра, заедно со експресниот пат Кочани – Штип е 60 милини евра.
Активно се работи, подвлече тој, и на етапите за изградба на браната „Речани“, проект од големо значење за водоснабдувањето на Кочани, Виница и целиот регион.
Во делот на здравството, осврнувајќи се на веќе реализираните проекти, Димитриев потсети дека се обезбедени два нови апарати, односно нов дигитален мамограф и најсовремен биохемиски анализатор со кој времето на чекање за добивање резултати за пациенти ќе се скрати за половина.
Потсети дека во рамките на поддршката за земјоделците од овој регион досега се исплатени околу 10 милиони евра субвенции, од кои значителна сума за околу 3.000 оризопроизводители.
На денешната средба со граѓаните во Кочани Димитриев се осврна и на странските инвестиции во Кочанско, односно на компаниите „Амфенол“ и „Антура“ во кои се отворени голем број нови работни места.
На средбата со младите и студентите во Кочани нагласи дека тие се во фокусот и ќе останат и во иднина за владините проекти. Младите се заблагодарија за досегашните реализирани проекти во нивен интерес при што Димитриев најави нови над 40 проекти кои се почнати или ќе започнат да се реализираат со што ќе се отвораат и нови можности за младите.
- Проектите за млади во голем дел произлегуваат токму од ваквите непосредни средби. Реализираните проекти за млади во последната година и пол овозможија отворање на над 20.000 работни места, како што е мерката за вработување на лица до 29 години, а меѓу другите исклучително значајна за младите е и мерката „Купи куќа за млади“, рече Димитриев.
Во рамки на работната посета на Кочанско премиерот за спроведување на изборите Димитриев имаше средба со жителите на село Оризари кои изразија благодарност за изградената нова спортска сала и за новата детска градинка во која во моментот се згрижени 37 деца, а се очекува да бидат примени уште 20. Изразија благодарност и за асфалтирањето на патот до манастирот „Добра вода“ што треба да започне јуни/јули оваа година.
Младите од село Оризари го информираа Димитриев дека голем број ја искористиле владината мерка за самовработување.
- Се работи и понатаму на привлекување нови странски инвестиции. Лани компанијата „Амфенол“ имаше околу 300 вработени, сега има 700, а за кратко време ќе го дуплираат бројот на вработените. И компанијата „Антура“ најавува проширување на производството, а со тоа и зголемување на бројот на вработени за околу 250. Само овие две компании во Кочанско треба да направат околу илјада нови вработувања во следниот период, изјави Димитриев на средбата пред жителите на Оризари.
Премиерот задолжен за одржување на изборите Емил Димитриев денеска се сретна и разговараше и со жителите на кочанските населби Трајаново трло и Усова чешма.