„Џонсон Контролс“ почнува изградба на фабрика во Струмица, нови 1.500 вработувања
Околу 1.500 нови работни места во Струмичкиот регион и инвестиција од 20 милиони долари планира американската компанија „Џонсон Контролс“ во новата фабрика што почна да ја гради денеска во индустриската зона во Струмица.
Во новиот производен капацитет, на површина од 13 илјади метри квадратни, ќе се произведуваат делови за прекривки за седишта за автомобилската индустрија. Ќе се извезуваат на европскиот пазар каде вакви производи „Џонсон Контролс“ пласира и од својата фабрика во Штип.
Вкупниот број на вработени на оваа американска компанија во Македонија, со новиот капацитет во Струмица, ќе изнесува околу 3.000, најави денеска раководството на компанијата на почетокот на градежните работи во Струмица.
На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Емил Димитриев, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, директорот на Дирекцијата за технолошко-развојни зони Виктор Мизо, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и пратеници.
- Успешниот развој на нашата фабрика во Штип и успешната соработка со македонската Влада неколку години наназад го подготвуваше нашиот пат за следниот чекор за новата фабрика во Струмица, рече Владимир Теплик, потпретседател за операции во „Џонсон Контролс“.
Градењето на новата фабрика, истакна Теплик, е значајна инвестиција во Струмица и показател дека веруваме во понудените можности. Заедно со штипската фабрика „Џонсон Контролс“ ќе вработи 3.300 лица во Македонија, наведе Теплик.
Почетокот на изградбата на втората фабрика на „Џонсон Контролс“ и вчерашниот старт на градежните работи за втор капацитет на „Ван Хул“ покажува дека инвестициите во Македонија продолжуваат и оти државата продолжува да чекори напред, оцени Димитриев.
Според вицепремиерот Пешевски, фактот дека „Џонсон Контролс“, компанија застапена во над 150 држави и со околу 160.000 работници, инвестира повеќе пати во свои капацитети во Македонија, е магнет и за други компании да дојдат тука да видат какви се условите за инвестирање и да почнат свои инвестиции. Токму условите за почнување и водење бизнис и отвореноста на владините претставници се она што не издвојува од останатите дестинации, рече Пешевски, истакнувајќи ја посветеноста на Владата за одржување контакти со постојните инвеститори и привлекување нови сериозни и реномирани компании кои ќе ги реализираат токму тука своите инвестициски планови.
- Сведоци сме дека само во два дена, вчера „Ван Хул“, а денеска „Џонсон Контролс“ реинвестираат и отвораат нови погони во кои ќе се реализираат близу 2.000 нови директни вработувања. Тоа е патот по кој одиме и ќе продолжиме да чекориме, да привлекуваме реномирани странски инвеститори, да ја намалуваме невработеноста, да го зголемуваме извозот, рече Пешевски.
Новиот производствен капацитет на „Џонсон Контролс“ во Струмица, според Мизо, се очекува да биде готов до април следната година. Основа за тоа е веќе почнатото пробно производство на американската компанија во браунфилд инвестиција во овој град за што веќе има ангажирано 400-ини работници. До крајот на годината се планира тој број да се зголеми на 500-ини.
- Особено е важно што само неколку години по отворањето на фабриката во Штип каде моментно работат околу 1.800 лица, не само од Штип туку и од околните градови, што влијае на намалување на невработеноста, компанијата доаѓа во Струмица. Успешната соработка со Владата и институциите го трасираа патот кон реинвестирање. На одлуката за инвестирање претходеше период на опсежна анализа, разговори, состаноци, но како резултат на успешноста на владините политики за подобрување на бизнис климата компанијата повторно ја избра Македонија како најповолна дестинација за реализирање на својата инвестиција во ЈИЕ, рече Мизо.
Новиот капацитет на „Џонсон Контролс“, посочи Димитриев, е значен за целиот струмички регион и со најавените над 1.500 вработувања ќе се намали невработеноста.
- Тука ќе работат многу луѓе од Струмица, Босилово, Василево, Валандово, Радовиш, Дојран.... Покрај директните, верувам дека ќе има и многу индиректни вработувања преку фирмите партнери на „Џонсон Контролс“ во Струмица, рече Димитриев, посочувајќи дека новата фабрика ќе привлече и други инвеститори.
Премиерот Димитриев истакна дека денешното поставување на камен темелникот на фабриката е најубав демант на шпекулациите од изминатиот период за повлекување на „Џонсон Контролс“ од Македонија.
„Џонсон Контролс“, нагласи, успешно функционира со својата фабрика во Штип, а многу скоро ќе почне со работа и тука во Струмица.