Фондот за иновации отвори контакт-канцеларија, утре ќе објави трет повик за финсиска поддршка
Фондот за иновации и технолошки развој, кој беше основан во 2014 година, денеска во центарот на Скопје отвори контакт-канцеларија заради поголема достапност за потенцијалните апликанти кои ќе пријават иновативни проекти. Новата канцеларија ќе ја олесни комуникацијата со сите кои се заинтересирани за можностите за развој на иновативни идеи преку програмите на Фондот.
Воедно, Фондот го најави и третиот повик за финансирање проекти т.е. повик за поднесување предлог-проекти за поддршка од Инструментот за кофинсирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф. Повикот ќе биде отворен утре и ќе трае 60 дена.
За финансирање проекти од овој повик обезбеден е вкупен износ од 450.000 евра, наменети за 15 старт-ап и спин-оф претпријатија.
Премиерот Емил Димитриев на отворањето на канцеларијата зборуваше за улогата на Фондот во помагање на иновативноста и претприемачкиот дух, иако се работи за понова институција.
- Досега беа објавени два повика за финансирање нови идеи и иновации, со кои беа финансирани 33, претежно млади компании, со вкупна вредност од 1,3 милион евра. Деновиве ќе го објавивме третиот повик за финансирање 15 старт-ап и спин-оф компании со вкупна вредност од околу 450.000 евра. До крајот на годинава планираме уште еден повик со кој ќе заокружиме вкупна сума од 2.650.000 евра поддршка во оваа година за овој тип на проекти. Нашиот план е во 2017 година вкупната поддршка да изнесува 10 милиони евра, рече Димитриев.
Тој апелираше до сите поединци и компании да аплицираат со квалитетни проекти за да бидат финансиски поддржани од Владата, нагласувајќи ја важноста на иновациите и претприемачкиот дух за развојот на државата и нејзината економија.
За мисијата на Фондот во развојот на македонската економија во изјава за медиумите се осврна и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој беше иницијатор за основање на оваа институција пред три години, со поддршка на Светската банка. Како примери за економии базирани на иновации тој ги посочи Израел, балтичките земји и некои во регионот, каде што проектите во почетокот имале поддршка од државата.
- Мене ме радува што овој проект веќе тече, се развива, добива сериозни димензии. Не само што е осмислено, не само што е поставено на вистински основи, туку гледаме дека има и успешно работење. Во најголемите и најуспешните економии, иновациите се двигателот на развојот на економијата и на отворање нови работни места. За жал, во минатото тоа кај нас беше запоставено, беше ставено на маргините на општеството, со едно сериозно отсуство на самодоверба дека и ние можеме да направиме иновации коишто ќе бидат конкурентни на меѓународно ниво, изјави Груевски, додавајќи дека тоа биле причините за формирање на Фондот кој е добро екипиран и има меѓународен борд на експерти кои ги оценуваат иновациите.
Директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска рече дека контактната канцеларија во центарот на главниот град е дополнителна можност за сите заинтересирани да добијат информација како да аплицираат и полесно да дојдат до грантови, но и да учествуваат на обуки и работилници за водење бизнис, иновациска дејност, како и за студентите кои таму ќе може да научат како полесно да започнат бизнис.
- Она што ќе го поддржуваме и оваа година се микро, мали и средни претпријатија кои постојат најмногу шест години и кои имаат иновативен проект, додаде Поповска.