Владата почнува со целосно обесштетување на поплавените

Почитувани,

Сакаме да информираме дека Владата на денешната седница донесе одлука за почеток на процесот на исплата на целосната оштета за оштетените од августовските поплави.

Како што беше ветено, исплатената целосна оштета ќе биде во висина од 100% од проценетата штета. Исплата на 100% оштета од висината на проценетата штета го прават многу, многу малку земји во светот. Овој факт за 100% обесштетување од проценетата штета е централна суштина и фокус на овој процес, и потценувањето и минимизирањето на овој факт е некоректно и погрешно, напротив тој факт би требало соодветно да се акцентира и вреднува. Граѓаните треба да се сигурни дека ние нашето ветување го исполнуваме, а сите ние да инвестираме во таа сигурност, и како средства и како амбиент.

Согласно одлуката на Владата процесот на исплата на целосната оштета ќе се реализира во неколку транши. Согласно одлуката која е донесена денеска, во првата транша на исплати ќе следува исплата на оштетата за 947 предмети кои ќе добијат 100% од проценетата штета, за која што цел за овие 947 предмети се издвоени 118 милиони денари.

По наша проценка апроксимативно има околу 4000 предмети врз основа на кои треба да се исплати оштета, точниот вкупен број не е се уште утврден заради тоа што процесот на утврдување на точноста на секој предмет е се уште во тек, така да во оваа прва транша се опфатени приближно околу 25% од предметите. Значи, понатаму како што ќе се прочистуваат и комплетираат останатите предмети ќе следуваат нови транши на исплата на други домаќинства, исто така во висина од 100% од проценетата штета. Целиот овој процес би требало да заврши во период на месец октомври и ноември.

Исто така значајно за темата е да се спомене дека досега се извршени авансни исплати од по 30 000 денари по предмет за 3074 предмети. Останатите, по проценка околу 1000 предмети нема да добијат авансна исплата туку веднаш ќе добијат комплетна оштета во висина од 100% од проценетата штета, односно кај овие предмети наместо во два чекора, авансна па комплетна исплата, процесот ќе оди во еден чекор директна комплетна исплата.

Значи имаме две претпоставени ситуации како ќе се одвива процесот на исплата на целосната штета.

Оние кои добиле авансна исплата ќе добијат целосна, комплетна исплата која ќе претставува разлика од вкупната проценета штета и авансната исплата.

На пример ако по основа на предмет била исплатена авансна исплата од 30000 денари, а вкупната проценета штета е 330 000 денари, сега по основ на тој предмет ќе бидат исплатени дополнителни 300 000 денари, затоа што 30 000 денари веќе добиле со авансот.

Оние кои не добиле авансна исплата ќе добијат директно комплетна исплата на целата штета.

На пример ако некој имал штета од 22 000 денари ќе ги добие овие 22 000 денари веднаш комплетно. Или пак ако некој имал штета од 100 000 денари а не добил авансна исплата тогаш при комплетната исплата ќе ги добие сите 100 000 денари одеднаш.

            На крајот уште еднаш би потенцирал дека граѓаните треба да бидат сигурни дека Владата ќе го реализира ветувањето за исплата на целосна оштета во висина на 100% од проценетата штета за секој точен, исправен и веродостоен предмет согласно закон.