Јолевски - Стропницки: Македонија одигрува важна улога во решавањето на мигрантската криза
Актуелната безбедносна состојба во регионот и пошироко, мигрантската криза, евроатлантските интеграции на Република Македонија, билатералните односи меѓу двете земји, особено помеѓу министерствата за одбрана, беа темите на кои денеска на средба разговараа министерот за одбрана Зоран Јолевски и министерот за одбрана на Република Чешка Мартин Стропницки, кој престојува во официјална посета на Македонија.
Јолевски и Стропницки денеска го потпишале планот за соработка меѓу двете министерства за одбрана, во кој меѓу бројните активности во насока на натамошно јакнење на добрата соработка се и стипендии за чешки студенти на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, како и за обука на пилоти.
На средбата министерот Јолевски истакнал дека Република Македонија ги има исполнето сите услови за да добие покана за членство во НАТО. Според него, членството на РМ во Алијансата е мошне значајно не само за стабилноста на земјата, туку и за целиот регион.
- Ќе продолжиме како Влада, како МО и АРМ со активностите и реформите, затоа што реформите пред се ги правиме за да имаме силна армија како гарант на територијалниот интегритет и суверенитет на РМ, изјави министерот Јолевски по средбата со неговиот чешки колега.
Стропницки рече дека Македонија е близок и важен партнер на Република Чешка и дека неговата земја секогаш го обезбедувала пријателскиот пристап во процесот на нејзино зачленување во ЕУ и во НАТО.
- Македонија се наоѓа во прилично комплицирана ситуација во однос на мигрантската криза и во тој контекст одигрува мошне важна улога. Нема да ја оставиме во овој процес и доколку дојде до влошување на ситуацијата, што не може да се исклучи во иднина, ние сме подготвени да и помогнеме во однос на набавките, но ако има потреба и со човечки ресурси, изјави Стропницки.
На новинарско прашање дали се очекува нов мигрантски бран кон Македонија, со оглед на тоа дека во Собранието има предлог за продолжување на кризната состојба до 30 јуни 2017 година, Јолевски нагласи дека внимателно се следи развојот на настаните и се прават соодветни проценки за состојбите со мигрантската криза.
- Како држава имаме развиено сценарија кои ќе ги употребиме во зависност од развојот на оваа мигрантска криза, рече Јолевски.
Министерот за одбрана Стропницки ќе биде примен и од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.