Димитриев: ВМРО е темелот на Македонија, наш симбол и движечка сила
Оваа година се навршуваат точно 123 години од основањето на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација - ВМРО, 123 години од денот кога големите визионери Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров, Христо Батанџиев и Иван Хаџи Николов ги поставија основите на македонското револуционерно движење и темелите на организираната македонската револуционерна борба. ВМРО е темелот на кој е изградена нашата Татковина, симболот на Македонија и движечката сила која го гради Илинден, која го создава АСНОМ и која го трасира патот до триумфот на 8-ми септември.
Ова го истакна премиерот Емил Димитриев во вечерашното обраќање на Свечената академија во Македонската опера и балет по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Пред претседателот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, присутните министри, пратеници, претставници на Македонската академија на науките и уметностите, дипломатскиот кор и верските заедници, професори, градоначалници, директори на државни институции и други гости, Димитриев напомена дека сега, кога слободата е остварена и ја имаме, кога Македонија е самостојна и независна држава, треба да ја почитуваме и да ја браниме.
- Суверенитетот е слободата и правото одлуките сами да се донесуваат. Ако го потцениме суверенитетот, ќе го изгубиме народот зашто народот е суверенитетот и народот секогаш ќе го брани суверенитетот, зашто така ќе се брани самиот. Кој ова го разбира си знае добро што значи, кој не го разбира треба да го научи што побрзо, потенцира премиерот.
Според него, овој празник е одлична прилика да земеме пример од минатото, да ја продлабочиме нашата љубов кон Татковината. Нашите предци живееле во многу бурно време, рече, време на болка, на тешки животни предизвици, на големи лични и семејни загуби. Нивното однесување, идеали и жртва не може, а да не не замисли и поттикне да бидеме подобри, попосветени и поодговорни кон нашата земја зашто и тие се бореле за истата кауза, за истата земја,..., се бореле за Македонија.
- Денес живееме во држава за која порано се леело крв и се жртвувале многу генерации. Денес ние ја живееме слободна и независна Република Македонија. Слободата во која денес ја градиме нашата држава, пред 123 години била само сон, само идеал кој се запишувал во програмските документи на ВМРО и апсолутно никој од нејзините основачи, ниту пак членови, немал претстава колку години, колку децении и колку генерации ќе бидат потребни за таквиот сон да стане јаве, нагласи Димитриев.
Тоа, додаде, било време во кое децата се раѓале под ропство исто како и нивните татковци, мајки, дедовци и баби. Генерации и генерации родени во ропство.... Ропство во кое навистина било тешко да се замисли какво е чувството да живееш во слобода, да зборуваш на мајчин јазик, да пееш на мајчин јазик, да се молиш на мајчин јазик... Ропство во кое слободата била само поим, но и исклучително силен идеал и иако никој не верувал дека за еден живот може да се достигне тој идеал - во секого тој идеал постоел.
- За таквите времиња можеби најдобро говори изјавата на Јане Сандански кој рекол „Јас не го чекам брзото ослободување на Македонија. Тоа може да не дојде дури и во моите денови, но јас сакам да го запазам народот и да го организирам и ако тоа се случи, тој ќе ја добие својата слобода, посочи премиерот.
Се осврна и на Димо Хаџи Димов, еден од основачите на организацијата, кој ќе забележи: „Успехот на Револуционерната организација е редок пример во историјата на другите народни револуции, бидејќи за толку кратко време, во мошне сложени внатрешни и надворешни услови, успеа да се сплоти цел еден народ, една цела земја, под едно знаме и за една револуционерна цел. Пројавената оружена акција на востанатите народни маси е епохална, зашто беше започната при еден таков невиден ентузијазам и при едно такво самоодречување што можеше да го пројави само народ воспитуван да умира за својата слобода, а така беше воспитуван македонскиот народ од својата Револуционерна организација, која не може да биде поинаква освен достојна за својот народ“.
Истакнувајќи дека успехот на ВМРО е силно запечатен во историјата, премиерот рече дека илјадниците борци и револуционери биле цврсто убедени во потребата да ја принесат својата жртва во темелите на македонската држава па дури и да загинат за слободата.
- Можеби не знаеле кога тоа ќе се случи, но восхитува спокојот со кој го напуштале својот живот и со кој за навек ги задолжиле идните генерации. Како што кажал Христо Узунов: „Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата света организација“. Тој и многу други од неговата генерација знаеле и силно верувале дека еден ден нивните потомци ќе живеат во слободна, самостојна и независна Република Македонија. Тие знаеле дека ќе дојде ден, како што е овој денеска, каде ние, нивните потомци, со гордост и почит ќе ги спомнуваме, ќе ги цитираме, ќе се поклониме на нивната големина и ќе го славиме нивното дело, напомена премиерот Емил Димитриев во обраќањето.