Тодоров: Општата болница од Кавадарци ќе стане сериозен ургентен центар
Општата болница од Кавадарци ќе стане сериозен ургентен центар, најави вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети таа јавна здравствена установа.
Тој информираше за новата опрема која ќе ја добие болницата во вредност од околу 900 илјади евра. Општата болница во Кавадарци, посочи, ќе добие нов компјутерски томограф, со што за неколку скалила ќе го подигне нивото на јавната здравствена установа.
- Никогаш порано овде немало такво нешто. Со неговата набавка, Кавадарци ќе стане центар во овој дел на државата, каде ќе се изведува оваа дијагностичка процедура, која е од исклучително големо значење, рече Тодоров.
Истакна дека со менаџментот на болницата, докторите и началниците на одделенијата, разговарале за функционирањето на јавната здравствена установа, за можната локација каде што ќе биде сместен компјутерскиот томограф, а било разгледано кои се активности треба да бидат преземени од страна на менаџментот на болницата, со цел да се остварат сите претпоставки за негова инсталација.
На еден начин, појасни, тоа ќе овозможи брза реакција на здравствените работници и брз пристап на пациентите до компјутерскиот томограф.
- Ова е особено важно, затоа што при сите итни случаи од сообраќајки или мозочни удари, има потреба од ваков тип на дијагностика. Практично ќе добиеме еден сериозен ургентен центар, бидејќи договоривме покрај компјутерскиот томограф, да се направат и интернистичка и хируршка интензивна нега, да се отпочне со проект за воведување на централни медицински гасови. Со тоа комплетно ќе се подигне нивото на целата болница и услугите кои ќе се даваат во неа, нагласи министерот.
Потенцира дека станува збор за сериозен износ на финансиски средства кои ќе бидат вложени. Според него, сето тоа ќе значи сериозно подигнување на квалитетот на установата, имајќи предвид дека ќе се набават апарати кои досега ги немало, а за кои има сериозна потреба.
- Ќе се набават автоклави за стерилизација, нешто што е многу значајно во здравствениот сектор, затоа што така се намалуваат интерхоспиталните инфекции, се олеснува целокупната работа на болницата. Ќе се набават колоноскоп, респиратор, нов операционен стол со светло. Бидејќи се набавува нов стол и нов анестезиолошки апарат, се договоривме да направиме уште една операциона сала. Сега има една сала за општа хирургија. Сакаме да направиме уште една, што ќе биде комплетно опремена со нова опрема, рече Тодоров.
Потсети дека неодамна во болницата бил набавен и ставен е во функција нов мамограф.
- Тој претставува сериозно подигнување на нивото на болницата, тоа е во функција на сите пациентки, но и во функција на мамографскиот скриниг, имајќи предвид дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај женската популација, истакна Тодоров.
На средбата било разговарано и за бројот на пациенти, за идни планови околу функционирањето на болницата, а сето тоа со цел унапредување на квалитетот на здравствените услуги кои се даваат во таа јавна здравствена установа.
Директорот на Општата болница во Кавадарци, Орце Ангеловски рече дека министерот ја посетил установата за да се види каде ќе се смести новата најавена опрема. Посочи дека апаратите кои ќе ги добијат ќе го подигнат нивото на квалитет на болницата.
- Пациентите нема да мораат да патуваат на страна, ќе се формираат неколку нови оддели или во рамки на постоечките ќе има нови дополнителни интервенции кои досега не се давале и ќе се подобри дијагностиката, додаде Ангеловски.