Почнува производството на американски „Леар“ во ТИРЗ Тетово
Американската компанија „Леар корпорејшн“ денеска во Тетово го отвори својот прв производствен капацитет во Македонија, инвестиција од над 15 милиони евра во која во моментов работат 520 лица.
Фабриката лоцирана во ТИРЗ Тетово се простира на 12.000 метри квадратни. Располага со современи машини. До 2018 година се планирани бројот вработувања до 2.000 лица, но бројката може да достигне и до 3.000 преку планирана експанзија од дополнителни 8.000 метри квадратни.
Првично, оваа компанија почна со работа на браунфилд локација во Гостивар преку вработување на 300 лица со вештини за кроење и шиење кожа и ткаенина за производство на автомобилски навлаки за седишта.
- Отворањето на оваа фабрика е нова историја за Тетово и регионот за чија важност се боревме со неколку земји од регионот. Динамиката на работа и задоволството на фирмата од локалниот кадар ни дава голем оптимизам за достигнување на планираниот капацитет од 2.500-3.000 вработувања. Со оваа фабрика, како кабинет, заокружуваме реализација на инвестиции каде моментално работат над 11.000 вработени и претставуваат раст на БДП од 300 милиони евра годишно, рече министерот за странски инвестиции Веле Самак.
Посочи дека од фабриката на „Леар“ во Тетово се очекува извоз во износ од 45 до 50 милиони евра годишно или прилив на околу 190 милиони евра во БДП на земјава во наредните пет години.
Нагласи дека воопшто не било лесно да се убеди компанија од типот на „Леар“ да инвестира во Македонија и додаде дека американската компанија е втора по големина корпорација која има инвестирано во земјава.
Министерот за економија Дритон Кучи рече дека отворањето на првата фабрика во ТИРЗ Тетово, која функционира по примерот на јавно-приватно партнерство, ќе значи пример за други инвеститори да дојдат да отворат свои објекти.
- Ќе продолжиме со напорите за правење што подобра бизнис клима во земјава со цел да привлечеме поголем број странски инвеститори. Податоците на НБРМ покажуваат дека во првите шест месеци од годинава има 123 милиони евра директни странски инвестиции што е за 14 милиони евра повеќе од истиот период лани, рече Кучи.
Додаде дека многумина биле скептични дека зоната во Тетово воопшто нема да профункционира и додаде дека отворањето на зоните во внатрешноста надержавата е со цел рамномерен регионален развој.
Заменик претседателот на „Леар“ за работа на тапацир за Европа и Африка, Свен Дам рече дека од производствениот погон во Тетово ќе се доставуваат висококвалитетни навлаки за автомобилски седишта за Јагуар и Ленд Ровер.
- „Леар“ е бренд кој значи перфекција. Тоа очекуваме да го постигнеме и овде во Тетово, рече Дам.
Нагласи дека напорно работеле во изминатиот период за реализација на инвестицијата во Тетово, која, како што рече, ќе биде дом на 3.000 семејства и ќе обезбедува делови за автомобилската индустрија.
Директорот на Нормак инвест груп, фирмата која стопанисува со ТИР Тетово, Аки Адеми посочи дека заедно со државните институции во изминатите три години морале многу заедно да научат за да се реализира објектот на „Леар“.
- Идустриската зона во Тетово е веќе реалност и во неа е лоциран објектот на еден од најголемите странски инвеститори во земјава. Нормак инвестмент груп вложи 10 милиони евра во објектот на „Леар“ и убеден сум дека отворањето на нивниот објект ќе придонесе во многу блиска иднина да имаме отворање на нови капацитети во зоната, рече Адеми.
На отворањето на фабриката во Тетово присуствуваа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети.
„Леар Корпорејшн“ е еден од водечките добавувачи на автомобилски седишта и електрични системи за дистрибуција. „Леар“ ги опслужува сите поголеми производители на автомобили во светот и содржината на „Леар“ може да се најде на повеќе од 350 ознаки на производители на возила. Производите на „Леар“ кои се од светска класа се дизајнирани, проектирани и произведени од разновиден тим кој брои околу 140.000 вработени, распределени во 36 земји. „Леар“ во моментов е рангиран на 154-тото место од листата на „Форчун 500“. Седиштето на „Леар“ е во Саутфилд, Мичиген, САД.