Димитриев му го честита на Трамп изборот за претседател на САД
Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев денеска упати честитка до Доналд Трамп по повод неговата победа на претседателските избори во Соединетите Американски Држави.
- Силно верувам дека поддршката која ви ја дадоа американските граѓани ќе ви претставува голем мотив за реализација на политиките кои ќе обезбедат економски просперитет и развој на демократијата во целиот свет. Убеден сум дека ќе демонстрирате лидерство во изградбата на подобра иднина за целото човештво, како и лидерство во промоцијата на принципите и стандардите кои ќе градат соработка и почитување помеѓу нациите, вели Димитриев во честитката.
Република Македонија и Соединетите Американски Држави, се додава во неа, се пријателски земји, кои имаат стратешко партнерство и споделуваат заеднички вредности.
- Дозволете да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам за американската поддршка на македонските евро атлантски интеграции, и да изразам верба дека во време на Вашиот мандат Република Македонија ќе го добие заслуженото членство во НАТО алијансата, се истакнува во чсетитката од Димитриев до Трамп.
Тој во неа ја истакнувам и посветеноста и интересот на Владата на Република Македонија за дополнително унапредување и продлабочување на односите помеѓу нашите земји во секоја сфера од заеднички интерес, и на билатерален и на мултилатерален план.