Учество на ЗПВРМ и МНР Попоски на 23-от Министерски совет на ОБСЕ во Хамбург
Тероризмот, насилниот екстремизам и радикализацијата и мигрантската криза претставуваат сериозни безбедносни предизвици со кои што се соочува регионот на ОБСЕ. Македонија е активен партнер на меѓународните антитерористички коалиции и ќе продолжи да придонесува кон напорите за сузбивање на тероризмот, како и на насилниот екстремизам и радикализацијата. Во контекст на мигрантската криза, ЗПВРМ и МНР Попоски истакна дека преземањето на претседателството со ОБСЕ од страна на Австрија е значајно за Македонија поради фокусот врз менаџирањето на мигрантската криза.
„Свесни сте за напорите на Македонија во справувањето за кризата. Поради неизвесноста на овој предизвик уште еднаш ве повикувам на единство и соработка во справувањето со сите аспекти во менаџирањето на овој предизвик.“ Ова го истакна Заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски на 23-от Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), што се одржа во Хамбург, СР Германија.
Вицепремиерот оствари и бројни билатерални средби со негови колеги. Во контекст на изборите, Попоски истакна дека чувството кај партнерите на Македонија во ОБСЕ е дека: „Сите мерки кои се презедоа во изминатите месеци за подготовка на изборниот процес, го сведува на минимум просторот за било какви изговори во однос на резултатите.“