Честитка од Димитриев по повод еврејски празник Ханука

До: Претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, г-ѓа Берта Романо-Николиќ

До: Членовите и припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија                         

 

Почитуванa г-ѓа Романо-Николиќ,

Со особено задоволство, во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во нашата земја, Ви упатувам искрени и срдечни честитки по повод големиот Еврејски празник Ханука.

Со палењето на првата менора започнува и осумдневното празнување на повторното осветување на храмот во Ерусалим, започнува празнување на празникот на светлината, празнување на празникот кој го одбележува триумфот над насилството и поробувањето. Празникот Ханука повеќе од 2.000 години претставува симбол на еврејското национално опстојување, обнова на верската слобода и нè потсетува на истрајноста, вербата и упорноста на еврејскиот народ.

Со чествувањето на вредностите на овој Ваш празник, само ја потврдуваме значајноста на Еврејската заедница која е длабоко вкоренета во нашата историја, нераскинлив дел од нашата сегашност и составен дел од нашата иднина.

 

            Ви посакувам радосни празнични денови и Ве поздравувам со традиционалниот поздрав Чаг Хануках Самеах.

Емил ДИМИТРИЕВ