Тодоров: Државната кардиохирургија се развива одлично, забележан е значителен раст на интервенции
Државната кардиохирургија се развива одлично, според предвидената динамика. Забележан е сериозен раст на пациенти и извршени интервенции. Само во 2016 година во оваа институција се изведени 388 операција што е за трипати повеќе во однос на минатата година, оцени денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Министерот изрази посебно задоволство што Државната кардиохирургија станува се повеќе избор и за васкуларна хирургија.
-Минатата година е завршена со 388 операции од кои 150 се васкуларна хирургија. Васкуларната хирургија во минатото во најголема мера се правеше во приватните болници и интервенциите во најголем дел се вршеа таму, додека сега васкуларна хирургија има и на Државната кардиохирургија, рече Тодоров.
Во моментов во клиниката работи стручна екипа предводена од еден од најеминентните професори на васкуларна хирургија во Р. Србија, професор Бабич кој веќе една година живее и работи во Скопје и се изведуваат и најкомплицираните васкуларни операции.
-Во споредба со тоа што го имавме претходните години бележиме сериозен раст на бројот на пациенти. Првата година се заврши со околу 30 пациенти, следната нешто над 100, за оваа година да имаме 388 операции, што е за трипати зголемување на бројот на интервенции од 2016 во однос на 2015. Државната кардиохирургија одлично се развива , согласно предвидените планови и прераснува во една од институциите кои што се стожер на здравствениот систем во Македонија, рече Тодоров.
Тодоров најави дека оваа клиника дополнително ќе се развива со тоа што во март ќе започнат со работа и двајца доктори кои се враќаат од субспецијализација во Загреб и ќе бидат вклучени во Мој термин.
– Беа испратени пред две години на супспецијализација во Клиниката „Ребро“ во Загреб за кардиохирургија, а од март веќе ќе бидат во Мојтермин вклучени, што значи дека ќе почнат да даваат услуги во нивната матична институција, Државната кардиохирургија, која ги испрати преку Министерството за здравство на субспецијализација во Загреб. Паралелно со тоа се врши едукација и на сите останати здравствени работници, рече Тодоров.
Еден добар дел од здравствените работници, појасни, беа на едукација во странство, некои во Триемли болницата во Цирих.
– Имаме одлична соработка со болницата од Цирих и професорот Омер Џемаили е тука како ментор кој со нашите кардиохирурзи ги изведуваат и најсложените кардиохирушки интервенции. Ако треба да направиме еден сублимат станува збор за една многу успешна приказна за еден многу успешен чекор кој е направен во македонското здравство, нешто што повеќе од 40 години за заговарало, говорело, се почнувало, застанувало, еве гледаме дека одлично функционира и одлично се развива, додаде Тодоров.
Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски рече дека Универзитетската клиника за државна кардиохирургија е една од најбрзо растечките здравствени установи во Република Македонија особено во јавното здравство.
Потенцира дека од формирањето во 2014 година до оваа година бројот на пациенти на оваа Клиника е зголемен за десеттина пати. Од првата година од околу 30-тина пациенти, нагласи, 2016 година е завршена со интервенирани 388 пациенти или околу 15 пати повеќе пациенти од годината на формирање на оваа институција.
– Фондот за здравствено осигурување во рамки на нашите надлежности обезбеди дополнителен буџет за оваа јавна здравствена установа за 2017 година во износ од околу 20 милиони денари повеќе од она што беше буџет за оваа институција во 2016 година. Така што буџетот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија во 2017 година ќе биде околу 79 милиони денари или за 20 милиони денари повеќе од буџетот во 2016 година со што ќе се влијае на зголемување на бројот на интервенции на оваа Клиника и зголемување на бројот на услуги кои ги даваат на граѓаните на Република Македонија, рече Стефаноски.
Истакна дека буџетот од формирањето на оваа институција во 2014 година заклучно со буџетот за 2017 година е зголемен за пет пати, што, според него, е уште еден доказ дека државата сериозно посветува внимание да го развива овој сектор. – Со враќањето на кадарот кој е испратен од Министерството за здравство на едукација во странство дополнително ќе се зајакнат и збогатат услугите кои ги даваат на нашите осигуреници, додаде Стефаноски.
Кардиохирургот Сашко Јовев од Државната кардиохирургија рече дека го следат трендот и го работат севкупниот спектар на кардиохирушки и големи васкуларни операции. Изрази надеж дека покрај тоа минимално инвазивно работат замена на аортниот залисток, наскоро ќе можат минимално инвазивно да работат и интервенции на митралниот залисток и некои други планови.
Главно, посочи Јовев, работиме севкупен спектар од кардиохирушки и големи васкуларни операции и многу сме задоволни.
– Одиме со се поголема бројка и одлична успешност. Веќе полека етаблираме и специјализација по кардиохирургија тука. Имаме тројца специјализанти директно по кардиохирургија, шест годишна програма, затоа што покрај мене како професор имаме и неколку визитинг професори кои постојано доаѓаат и одржуваат предавања и се во контакт со нашите специјализанти. Значи полека го етаблираме и тоа и второ специјализантите по анестезија веќе доаѓаат на турнус по кардиоанестезија и интензивна кардиохирушка нега кај нас. На сите полиња полека се развиваме и сме презадоволни, додаде Јовев.