Одбележани 145 години од раѓањето на Гоце Делчев
Со положување цвеќиња на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ и пред неговиот споменик на плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска се одбележа 145годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
На гробот на Гоце Делчев цвеќе положија премиерот Емил Димитриев, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, министерот за финансии Кирил Миновски и министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, делегација на Кабинетот на Претседателот на Македонија, делегација на Собранието на Република Македонија во состав Драган Данев, Петар Атанасов и Владанка Авировиќ, скопскиот градоначалник Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.
Цвеќиња положија и претставници од ВМРОДПМНЕ и СДСМ, како и делегации на повеќе здруженија на граѓани, општини и установи.
Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар меѓу народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.
Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница.