Два милиона евра за најсовремена медицинска опреба во Болницата во Тетово
Министерството за здравство го почна големиот циклус на набавка на нова и најсовремена опрема за јавните здравствени установи во Република Македонија. Со проектот вреден 33 милиони евра, ќе се набави опрема за над 100 јавни здравствени установи низ целата држава. Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за здравство Никола Тодоров.
Циклусот почнува со тендерот за набавка на нова медицинска опрема за Клиничката болница во Тетово, кој го објави Министерството за здравство.
- Тендерот е вреден околу 2 милиони евра и со него ќе се набават повеќе од 1.200 парчиња медицинска опрема, која треба да биде ставена во функција на сериозно подобрување на дијагностиката, но и на квалитетот на здравствените услуги кои се даваат во болницата, рече Тодоров.
Тој појасни дека Клиничката болница во Тетово е една од најзначајните здравствени установи која им пружа услуги на повеќе од 200.000 жители, не само за општина Тетово, туку и за околните општини, Теарце, Јегуновце, Боговиње...
- Во рамки на овој тендер ќе се набави дигитален рентген апарат, пет ехо апарати, два ЕМГ апарати, педијатриски ехо апарат, ендоскопски столб, RCP, ехо апарат за кардиолошка, трансезофагијална сонда и линеарна сонда, 13 пациент монитори, како и пациент монитор со мониторинг станица, два апарата за анестезија, 16 инфузиомати, 16 перфузори и бројни апарати за физикална терапија, хируршки сетови.., рече Тодоров.
Според него, се работи за една од најголемите набавки која се спроведува во оваа Клиничка болница. Потсети дека последните четири-пет години за оваа болница се набавиле апарати во вредност од 300 милиони денари.
- Со оваа дополнителна набавка од 2 милиона евра сериозно ќе се зајакне овој дел од функционирањето на Клиничката болница во Тетово, нагласи Тодоров.
Покрај апарати, во Клиничката болница ќе бидат набавени нови болнички кревети, односно 55 механички, 55 електрични, 20 кревети за преглед, шест кревети за транспорт на пациенти...Ќе бидат набавени и UPS системи за непрекинато електрично напојување.
Министерот за здравство потсети дека во Клиничката болница во Тетово функционираат апарати за компјутерска томографија, магнетна резонанца, ангиограф и многу други...
- Се работи за почеток на еден голем инвестициски циклус во здравството, во опрема. Нешто што е исклучително значајно и еден од најзначајните сегменти за развој на секој здравствен систем. Фокусот на Министерството за здравство беше и останува набавката на нова и најсовремена опрема која ќе биде ставена во функција на здравствените работници и пациенти, потенцира Тодоров.
Прашан кога треба да стигне новата медицинска опрема, Тодоров рече дека отворањето на тендерот е на 3 март, по што ќе има евалуација од 15-20 дена.
- Доколку нема жалби, некаде почетокот на април би требало да се склучат договорите и потоа во зависност од опремата, испораката може да биде во рок од три, шест или девет месеци. Очекуваме кон крајот на оваа година да почне да се инсталираат апаратите и да се стават во функција, рече Тодоров.