Претставници на „Херитиџ“ му го предадоа годишниот извештај на Димитриев
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Емил Димитриев, денеска оствари средба со г-дин Тери Милер, директор за трговија и економија на фондацијата Херитиџ и г-дин Антони Ким, менаџер за истражување на оваа фондација.
На средбата претставниците на фондацијата Херитиџ на претседателот на Владата на Република Македонија му го предадоа годишниот извештај на фондацијата за индексот на економските слободи според кој Република Македонија е рангирана на 31-то место во светот, во конкуренција на 186 држави и при тоа го потенцираа континуираниот напредок што Република Македонија го бележи изминатите 10 години.
Премиерот Димитриев истакна дека овој одличен резултат на Република Македонија според кој како држава сме лидер во регионот според индексот на економските слободи претставува потврда за одличната работа на Владата на Република Македонија изминатите 10 години во сферата на економијата, подобрувањето на бизнис климата, одличната даночна политика и постојаните реформи на националното законодавство.
Потенцирајќи го моментот дека и покрај политичката криза која е присутна во државата изминатиот период како и мигрантската криза со која како држава се соочивме сепак Република Македонија продолжи да се движи по трасираниот пат што е евидентно и со овој извештај според кој Република Македонија бележи скок од 16 места во споредба со претходната година како и со други извештаи на реномирани меѓународни институции и организации.
Директорот Милер на средбата истакна дека 31-то место на Република Македонија во светот и 18-ото место во Европа претставува одличен напредок за Република Македонија кој се базира на големиот број спроведени реформи и на економската посветеност на Владата како од аспект на подобрување на целокупната регулатива, условите за бизнис и политиката на ниски даноци така и од аспект на привлекување странски инвестиции и отворање на нови работни места. Потенцирајќи го одличниот раст на Република Македонија според индексот на економски слободи, г-динот Милер на средбата истакна дека како фондација во сите држави го претставуваат успехот и сработеното на Република Македонија како пример за успешен модел на раст и економски развој.
На средбата соговорниците ја истакнаа значајноста и потребата од продолжување на фокусираноста на Владата и институциите на економските приоритети, поддршката на домашните компании, привлекувањето на странските инвестиции и отворањето на новите работни места.
Премиерот Димитриев истакна дека Владата на Република Македонија и во следниот период ќе продолжи да работи на реализација на стратешките приоритети на државата како во сегментот на реформите и ЕУ и НАТО интеграциите така и од аспект на економските реформи и продолжување на континуитетот на намалување на невработеноста.