Димитриев во посета на фабриката „Лион“ во Свети Николе
Премиерот Емил Димитриев заедно со министерот за труд и социјална политика Ибахим Ибрахими и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски ја посетија фабриката за кондиторски производи „Лион“ во Свети Николе, каде што се вработени 176 лица, од кои 62 се лица со инвалидитет.
Димитриев истакна дека менаџментот на фабриката Лион ги користи Владините мерки за вработување.
- Во рамките на Програмите за градење на мерките за вработување има еден посебен дел за стимулирање за вработување на хендикипирани лица. Само по основ на овој дел во Република Македонија се вработени над 4.500 луѓе. За тековната година Владата преку буџетот на Агенцијата за вработување има планирано нови 213 милиони денари кои што ќе бидат ставени на располагање на компаниите за користење на различни бенефити, за вработување на лица со хендикеп. Стимулативните мерки се преку доделување 20 просечни плати, преку доделување 100.000 денари за адаптирање на работното место, преку разна помош при набавување на опремата, што само по себе, доволно зборува колкава е помошта кај компаниите и стимулот да се вработува ова категорија на луѓе, вели Димитриев.
Тој истакна дека Владата и во наредниот период ќе продолжи со стимулирање на компаниите за вработување на лицата со посебни потреби, бидејќи ефектите веќе се гледаат токму и во Светниколската компанија Лион.
- Од менаџментот можам да чујам дека не само што е присутен економскиот дел додека работат тука, туку има и други социјални елементи кои се присутни што дополнително ме охрабрува дека вложуваме во една правилна насока, рече Димитриев.
Директорката на „Лион“ Катерина Гонева вели дека е задоволна што Владата им ги овозможува на компаниите овие мерки за вработување на лица со хендикеп, бидејќи како што рече стопанството се соочува со недостаток од квалификуван кадар, а токму овие мерки им овозможуваат најприво да ги обучат работниците, а потоа да бидат вклучени во процесот на производство. Гонева истакна дека тие како компанија се извозно ориентирани, а нивните производи се продаваат во 26 земји.