Воведена новата службена униформа на АРМ
Во Домот на АРМ денеска беше воведена новата службена униформа за офицери и подофицери во Армијата на Република Македонија која се состои од 20 делови. Покрај бројните високи гости, на настанот присуствуваше вицепремиерот Владимир Пешевски, министрите за одбрана и финансии Зоран Јолевски и Кирил Миноски.
Министерот Јолевски истакна дека процесот за новата униформа започнал пред три години, а во 2015 била и првата презентација за изгледот на службената униформа. За униформата биле консултирани експерти од областа на текстилот, но била спроведена и анкета меѓу припадниците на АРМ, при што дале свое мислење.
- Многу е значајно што униформата, односно материјалот е ткаен во Македонија, поточно во компанијата Тетекс-Тетово, што на некој начин и помагаме на домашната економија, рече Јолевски.
Информира дека АРМ набавила и дополнителни 4.000 метри должни од материјалот кој ќе служи за шиење униформи за идните офицери и подофицери.
Во рамките на одбележувањето на 25 години АРМ, покрај воведувањето на новата службена униформа, Јолевски рече дека Министерството за одбрана ги реновирало и ги пуштило во употреба просториите од третиот спрат во зградата на Министерството и дека е завршен ремонтот на првите два хелихоптери во Литванија кои наскоро треба да пристигнат.
За оваа година буџетот на Министерството за одбрана е зголемен за осум проценти повеќе од минатата година, а повеќе од 20 отсто од вкупните средства ќе бидат употребени за модернизација на АРМ. За наредните 10 години за модернизација на АРМ, истакна Јолевски, предвидени се 316 милиони евра.
Од повеќето предвидени проекти министерот го посочи и воведувањето на специјални кантиниво сите касарни во Македонија за припадниците на АРМ на кои не им следува оброк, а во тие кантини би го добиле за 60-70 денари.
Новата службена униформа е поделена во две класи, А и Б. Униформата од класата А ќе се носи на свечености, на свечени приеми, при пречек и испраќање високи воени и државни делегации, во денови на државни и воени празници и при комеморации. Униформата од класа Б ќе се носи во текот на секојдневното работење во командите и единиците на АРМ.
На новинарско прашање за дотраените теренски униформи, Јолевски рече дека пропадниците на АРМ добиле нова маскирна униформа во 2015 година и дека минатата година започнал тендер за набавка на 1.100 униформи. Тој најави и почеток на нов тендер за набавка на 7.000 нови теренски униформи за АРМ кои дел ќе бидат готови оваа година, а дел во јануари или февруари идната година.
На прашање за барањата на припадниците на АРМ за порамнување на дневницата со припадниците на МВР министерот рече дека не можат да се споредат тие два типа на плаќање. - На припадниците на АРМ им е зголемена дневницата на 900 денари на ден, а имаат и сместување и исхрана, рече Јолевски.